Портпаролот на израелската армија Јонатан Конрикус повторно ги повика жителите на северниот дел на Појасот Газа да го почитуваат предупредувањето да се евакуираат во јужниот дел на палестинската територија, во време кога, како што наведе, Израел е подготвен да започне „значајни воени операции“.
„Важно е да се фокусираме на фактот дека ќе започнеме значајни воени операции кога ќе видиме дека цивилите ја напуштиле областа“, изјави за Си-Ен-Ен, потполковник Конрикус.
„Навистина е важно луѓето од Газа да знаат дека овој пат бевме многу, многу, великодушни. Дадовме доволно предупредување, повеќе од 25 часа“, рече портпаролот, оценувајќи дека е повеќе од доволно жителите на Газа да си заминат, објавија израелските медиуми .
Стотици илјади жители на Газа се евакуирани од околу половина од територијата на густо населениот Појас Газа, но многумина останаа, главно во болнички засолништа на северот. Во меѓувреме се соочуваат со недостиг од храна, вода и лекови.