Механизмите и средствата за справување со енергетската криза ги има Владата, локалната власт не може да носи национални политики, изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
На гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, Арсовска рече дека треба да се донесат национални мерки за спас од енергетската криза и дека тоа е надлежност на централната, а не на локалната власт.
– Треба да преземе се што е неопходно за граѓаните да бидат заштитени и да ја поминат зимата онака како што заслужиле. Не само што им беше зголемена сумата што ја плаќаат за 14 проценти, туку заслужуваат и подобри услови. Треба да се донесат национални мерки за спас од оваа криза и тие треба да ги донесе централната власт. Локалната власт не може да носи национални мерки и политики. Нашиот став е конзистентен – немаме надлежност и немаме можности, рече Арсовска.
Таа смета дека одговорноста треба да ја понесе Владата затоа што не ја разрешила ситуацијата кога имала можност и не размислувала кои се реперкусиите од зголемувањето на цените на енергенсите на светските берзи.
Според Арсовска, преседан е Владата да бара градот да е спасител за проблемот со енергетската криза.
– Мислам дека сега не е време да се игра со чувствата на скопјани и воопшто не е време да се игра на картата префрлување на одговорноста, која што лично треба да ја понесе за тоа дека не донела соодветна енергетска стратегија и за тоа што да се прави во ситуација на една ваква енергетска и економска криза со каква што се соочуваме. Ние се наоѓаме во ситуација во која Македонија има ниска фискална децентрализација. Треба да им биде јасно на сите дека општините се наоѓаат во незавидна положба. Не е само што имаат долгови и не само затоа што некој претходно недмоќински работел, затоа што и децентралиацијата не е спроведена, затоа што општините немаат финансиска независност, истакна Арсовска.