Интегрален текст од прес конференција на Димче Арсовски,портпарол на ВМРО-ДПМНЕ
„Власта во заминување на СДСМ и Заев од ден во ден влага во се поголем криминал. Нема ден, а да нема некој криминален тендер или скандал поврзан со корупција.
Вчера имавме можност во медиумите да видиме сериозни индиции за криминал од страна на власта во заминување во МВР преку набавката за пасоши и лични документи. Се работи за сомнеж за криминал во висина од околу 20 милиони евра и корупција во проценета вредност од над 12 ипол милиони евра. Целата постапка е со сомнеж за криминал и надвор од законите, односно се работи за незаконска постапка за јавна набавка, која што е подложна на кривична одговорност согласно кривичниот законик на Република Македонија.
СДСМ си склучиле договор со фирмата „Веридос“ за набавка на пасоши и лични документи во периодот од 01.01.2020 до 31.12.2021, во вредност од 20 милиони евра, поточно околу 19 милиони и 600 илјади евра. Каде е тука сомнежот за криминал?
Најнапред и најпрвин согласно планот за набавка на пасоши и документи за лична идентификација во МВР во текот на 2019 година предвидени биле средства во висина од околу 7 милиони евра за истата јавна набавка, за веднаш потоа единствениот понудувач „Веридос“ да побара сума од околу 20 милиони евра или поточно поточно 19.681.666 евра, сума која што веднаш е обезбедена од страна на Владата на СДСМ во текот на постапката.
Целата постапка е сомнителна и незаконска во роковите околу јавната набавка.
Договорот за рамковната спогодба во висина од 19.681.666 евра е склучена на 05.12.2019 година, а одлуката за избор и извештајот за постапката за оваа јавна набавка се склучени и архивирани на 06.12.2019, односно еден ден подоцна откако е склучена рамковната спогодба од страна на МВР со фирмата „Веридос“.
По логика на нештата но и според законите и сите процедури во Република Македонија, најпрвин треба да се донесе одлука за избор, па потоа да се потпишуваат договори и рамковни спогодби за висина на сума, но очигледно на СДСМ им се брзало првин да го договорат финансискиот дел, па потоа законските процедури да ги запазат, односно да не ги запазат.
Дали институциите и Јавното обвинителство ја следеле оваа постапка и дали после ова јавно обелоденување ќе отворат постапка во Јавното обвинителство и да испитаат дали има сериозни индиции односно дали има криминал.?
Дали конечно јавното обвинителство ќе се разбуди, ќе се охрабри и ќе поведе постапка за овој случај каде што пред очите на целата јавност се случува криминал во милионска сума?