Зоран Заев, Никола Димитров, Радмила Шеќеринска, Стево Пендаровски се луѓето кои го излажаа и изманипулираа целиот македонски народ, рече на денешната прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Во продолжение целиот текст од прес-конференцијата:
„Домат“дипломатијата и „Кај си љубави те поздрави Зоки” дипломатијата не може да не однесат како држава во ЕУ. Пазарџиското однесување на Заев, каде што ветува, а не исполнува не е и не може да биде начинот и патот на станување земја членка на Република Македонија во ЕУ.
Заев, Пендаровски и Димитров неколку дена молчат и не кажуваат што тоа договориле во Берлин, односно што прифатиле во Берлин на штета на македонскиот народ?
Сите политички субјекти и најважно граѓаните, за преговорите со источниот сосед дознаваат од бугарските медиуми и бугарските политичари кои што гордо можат да се пофалат со се она кои што им го ветил Зоран Заев.
Заев и останатите од СДСМ и од Владата ги потценуваат граѓаните мислејќи дека нема да се дознае што ветуваат, и што договараат и нормално што прифаќаат.
Она што може да се сретне и чуе низ бугарските медиуми и политички чинители е дека постоеле три услови, а тоа се јазикот, името на државата и добрососедските односи, односно ова се услови кои директно удираат врз идентитетот, државноста и постоењето.
Никој не ги споменува историјата и хероите, и тука сакаме да прашаме дали тоа значи дека Заев, Пендаровски и Димитров и останатите прифатиле се што источниот сосед побарал во однос на историјата и историските личности, односно македонски херои?
Дали ова значи дека Заев се откажал и од Гоце и од сите останати историски ликови и случувања во минатото, врз кои што почива македонската држава и македонскиот идентитет?
Почитувани,
Веднаш мора да кажат Заев, Пендаровски, Димитров и Османи што прифатиле на преговорите во Берлин и зошто го кријат тоа што го прифатиле односно го ветиле од македонската јавност?
Јасно е, изборот е едноставен, Заев премиер, асимилација и интеграција или дезинтеграција и негација.
Решението е оставка веднаш и експертска влада за национален спас, во која никогаш повеќе нема шарлатани да ни ја водат надворешната политика.
Прашање: СДСМ велат дека сте контрадикторни, не одите на избори во Штип, а барате нови избори за нова Влада?
Одговор: Почитувани, бараме експертска Влада за национален спас. Избори може да се одржат кога ќе се створат услови. Таа експертска Влада, може Зоран Заев да си поднесе оставка и да биде составена од луѓе кои што навистина знаат и умеат како, и им е дојдено до државата, до граѓаните, до иднината на Македонија и тоа ќе биде Владата за национален спас. Но тоа не го вклучува и Зоран Заев во таа Влада бидејќи се покажа дека неговата политика е тотално фијаско. Се виде дека кога Зоран Заев оди сам да преговара и да управува со државата, ја носи во бездна и во ќорсокак.
Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ