Артур Вајгал е англиски египтолог, новинар и писател, кој меѓудругите, го има напишано и делото Александар Велики. Роден е 1880, а умрел 1934 година. Во книгата тој мошне често ги употребува поимите Грција, грчки и слично, кои во времето за кое пишува не постоеле, па очигледна е неговата тенденција во тој правец, но сепак книгата е извонредна. Ова е приказната за мајката на Филип Втори, односно за бабата на Александар, Евридика, но и за тоа како таткото на Александар доаѓа на престолот. Извонредна сторија која вреди да се прочита, а обрнете внимание на термините што Вајгал ги употребува, на разликата меѓу Македонците и Хелените, која тој колку и да ја сокрива одново и одново избива на површина и посебено обрнете внимание на последната реченица од овој извадок.

 

Архелај, како што ни кажува Тукидид, многу повеќе направил за да го цивилизира својот народ од секој друг крал пред него, а во текот на неговото владеење толку бргу се ширела грчката култура меѓу народот од македонските низини, што претпоставувам дека само племениците во планинските предели можеле да се наречат „варвари“ во денешна смисла на зборот. Тој го преместил главниот град од примитивната Ајга, на југ, во Пела, жив трговски центар на околу 20-тина милји од морето и на кусо растојание на северозапад од Солун. Градот се простирал на едно ниско ритче и гледал кон езерото Борбор, денес Ениџе, чии води биле комерцијално употребувани и поврзани со морето преку пловната река Лидија. Денес, езерото е непривлечно мочуриште, бучно од крекањето на жабите и брмчењето на инсектите, но во старо време тоа било бистро и длабоко. А големите трговски бродови од Егејското Море можеле да се укотват под ѕидините на градот.

Биле изградени убави патишта, кои се протегале од Пела до најоддалечените краеви на кралството, а самиот град со своите докови и складови бил убаво испланиран. Последниот казнен поход на кралот во Пелопонеската војна довел до образување на дисциплинирана македонска војска. Архелај го посветил своето внимание на организација на навистина голема војска, повикувајќи ги грчките офицери да ги обучуват неговите луѓе и купувајќи бродски товари со грчко оружје и воена опрема. Додека Атина и Спарта, како и нивните сојузници, си ги сечеле гркланите едни на други во оваа навидума бескрајна борба, македонскиот монарх, всушност, создал држава за која се надевал дека еден ден ќе стане важен фактор во грчките работи.

Тој бил голем покровител на уметностите, а нарушената состојба во Грција придонела многу прославени писатели да дојдат во Пела во потрага по мир и тишина. Еврипид, славниот драматичар, заминал од Атина веднаш по создавањето на својата трагедија Орест во 408 г. п.н.е. и се населил во дворецот на овој просветен македонски крал, каде ги напишал своите Бахки. Тој тогаш има седумдесет години и се вели дека една од причините што си заминал од Атина била таа што му се потсмевале поради неверноста на неговата жена која се вљубила во неговиот водечки артист Кефисофон. Меѓутоа во 406 година п.н.е. Еврипид трагично го загубил животот: го нападнале бесните кучиња на Архелај кои ги чувал на дворецот и толку свирепо го искасале што умрел.

И епскиот поет Хајрил од Самос кој напишал неколку додворливи стихови во чест на Архелај и кој бил навистина отмен, ги поминал последните години од својот живот во Пела и таму умрел. Меѓу другите прославени учени луѓе, кои го уживале гостопримството на Архелај, бил и Тимотеј, пријател на Сократ и Платон, кому Атињаните му се потсмевале поради неговото феминистичко однесување. Големиот сликар Зевксис добил задача да ги наслика ѕидовите на кралскиот дворец. Тој долго време додека го правел тоа, бил жител на Пела.

Би можел патем да напоменам дека Зевксис бил научен да добива многу висока цена за своите слики и, на крајот, толку многу се збогатил што почнал да ги подарува сликите од причина што никој не можел да плати толку колку што тој сметал дека вредат. Бил мноу задоволен со себе и горд со своето име и богатство и оддавајќи и се на склоноста која се чини тие денови често го придружувала уметничкиот успех, на неговата облека со големи златни букви било извезено неговото име. Меѓутоа тој морал да признае дека постои еден друг уметник, кој бил исто така надуен, а причина за неговото болно признание била следнава случка: Зевксис толку верно нацртал грозд што, се вели, птиците биле заведени и се обидувале да ги јадат зрнцата.Таа слика тој ја понудил на конкурс на кој учествувал и Пархасиј. Судиите толку биле воодушевени со сликата што Зевксис, не сомневајќи се дека ја добил наградата, се свртел кон Пархасиј и весело му рекол да побрза и да го тргне пердето кое ја покривало неговата слика. Но, ова перде за кое тој мислел дека е вистинско, било всушност било сликата на Пархасиј.

Архелај бил убиен во399 година п..н.е. по што уследил долг период на анархија поради која грчките уметници избегале, на врат на нос, во својата земја. Најпосле во 389 година п.н.е. престолот го зазел Аминта Втори, син на некој си Филип, братот на кралот Пердика кој предизвикувал немир. Новиот монарх започнал да воспоставува ред со казнување на непослушните горштаци од Линкестида (Линкесгтидите се македонско племе кое живеело во тогашна Горна Македонија, околу денешната Пелагонија и Мариово, н.з.), а потоа за да ја осигура нивната одново здобиена вазалска верност, се оженил со ќерката на нивниот водечки принц, Ирас, која се викала Евридика која, на крајот се покажа како најперфидно и најкрвожедно суштество. Во овој брак се родиле три сина – Пердика, Александар и Филип и една ќерка чие име е непознато.

Неколку години Аминта Втори имал тешкотии да го задржи престолот со оглед на бунтовите во земјата, притисокот од Персија кој сега силно се чувствувал и повременото вооружено вмешување на Грците. Еднаш бил натеран во бегство, а Пела се нашла во рацете на Грците од Олинт, колонија која го поседувала поголемиот дел од западната страна на Халкидики, по должината на источниот брег на Солунскиот залив. Во овие денови го опишуваат дека бил исфрлен од своето кралство, но околу 379 година п.н.е. се вратил во дворецот и Олинт не го издржал неговиот напад што го извршил заедно со Спартанците.

Неговата ќерка се омажила многу млада за некој си Птолемај од Алорос, но мајка и, дивата Евридика била вљубена во овој Птолемај кој бил амбициозна и угледна личност. И кога во 369 година пред н.е. година п.н.е. Аминта починал, некои верувале дека таа е одговорна за неговата смрт – веројатна претпоставка. Најстариот од тројцата синови, меѓутоа успеал да го заземе престолот и во историјата тој е познат како Александар Втори, но Евридика бргу ја испланирала неговата смрт со цел заедно со својот љубовник Птолемај да ја грабне врховната власт. Судниот млад крал бил поканет да го гледа воениот тац на Птолемај и неговите вооружени воини; но во екот на играта Птолемај скокнал врз него и го убил.

Плановите на убијците меѓутоа скршнале во друг правец. Еден претендент на престолот, кој се викал Павзаниј, обезбедил голема помош и потпомогнат од некои грчки елементи, настојувал да ја осигурни круната за себе. Гледајќи дека се ќе изгуби ако победи Павзаниј, Евридика побарала помош од Атина. Затоа големиот атински војсководец Ификрат бил испратен во Пела да ја испита работата. Овој Ификрат бил човек кој во животот постигнл се со својата способност. Бил син на кондураџија, а еднаш во животот му помогнал и починатиот крал Аминта, заради што тој сакал престолот да остане во неговото семејство и бил готов да го прифати убедувањето на Евридика дека убиството на нејзиниот син Александар, поради некоја заборавена причина, било оправдано. Се вели дека таа ги подучила своите двајца синови да се залепат за атинскот војсковдец и да ја побудат неговата милост, а Ификрат послужил као орудие за да се истера претендентот од кралството и постариот син да дојде на престолот, како Пердика Трети заедно со Птолемај како регент. Потоа Евридика го испратила Филип во Линкестида каде нејзини луѓе го држеле како заложник, веројатно поради тоа што горштаците не верувале дека намерите на Птолемај кон нив се чесни.

Во ова време грчкиот град држава Теба, во Бојотија, територија јужно од Тесалија и северно од Атина, бил во зенитот на својата моќ и во почетокот на 367 гоидна пред н.е. големиот тебански војсководец Пелопида, кој со своите големи потфати станал најмоќен човек во Грција, случајно учествувал во еден воен поход во Тесалија, близу до македонската граница. Бидејќи бил доста силен и можел да изнуди пријателско однесување од Македонците, тој од нив побарал заложници, и така, Филип, како заложник бил префлен од Линкестида во Теба, каде останал речиси три години. Но, кон крајот на 365 година пред н.е. Пердика се ослободил од неподносливата васт на својата мајка и нејзиниот љубовник Птолемај. Птолемај бил убиен, Евридика избегала во својата ридеста земја, а Тебанците му дозволиле на Филип да се врати во Пела и да му помогне на својот брат крал.

Идните неколку години во Македониј било мирно и Пердика Трети го повратил покровителството над грчките уметници и учени луѓе кои толку го одликувале дворот на починатиот Архелај. Но во 359 година пред н.е неговата непомирлива мајка Евридика ги кренала Линкестидите на бунт и Пердика или паднал во битка против неа или бил убиен на нејзино наговарање, па така оваа страшна жена била одговорна за смртта на својот маж, на два од трите сина и веројатно на ќерката, бидејќи не слушнавме ништо за неа откако таа и го презеде мажот Птолемај кого исто така го доведе до уништивање.

Пердика го ставил своето мало синче Аминта за наследник, а Македонците веднаш го прогласиле Филип за негов старател и регент на кралството. Но претендентот Павзаниј повторно се појавил на хаотичната сцена, како и тројцата полубраќа на Филип, Архелај, Аридај и Менелај кои ја барале круната. На ова збунетиот народ му ја понудил круната на Филип кој желно ја прифатил. Затоа претендентите Павзаниј, Аридај и Менелај избегале од земјта, Архелај бил фатен и убиен, а Аридај кого Атињаните го сакале, бил убиен кога Филип гордо влгол во македонскиот главен град.

Токму овој Филип, полу Линкестиец, полу Македонец, син на крвожедната Евридика, му бил татко на Александар Велики.