Асошиејтед Прес ( преку Бета)
Откако борците на Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври, поплава од видеа и фотографии кои наводно го покажуваат конфликтот ги преполнија социјалните мрежи, што го отежнува одвојувањето на фактите од фикцијата.
Иако се појавија многу вистински слики и извештаи за масакрот, тие беа измешани со оние кои даваат лажни тврдења на корисниците и погрешно прикажуваат видеа од други настани како од Газа.
Меѓу измислиците, корисниците споделија лажни тврдења дека главниот командант на Израел бил киднапиран, циркулираше лажно видео имитирајќи извештај на Би-Би-Си и туркаа стари и неповрзани клипови на рускиот претседател Владимир Путин со неточни англиски преводи.
Некои од дезинформациите што се шират на интернет и фактите што ги утврди агенцијата АП:
Тврдење: Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган се закани дека ќе интервенира во војната меѓу Израел и Хамас.
ФАКТИ: Тој никогаш не го кажа тоа.
Тврдење: Израелската војска потврди во објава на арапски јазик на социјалните мрежи дека бомбардирала болница во Газа на 17 октомври.
ФАКТИ: Таква најава не постои.
Тврдење: Снимка од емирот на Катар кој се заканува дека ќе го прекине снабдувањето со природен гас во светот доколку Израел не престане да ја бомбардира Газа.
ФАКТИ: Видеото е од пред шест години, а емирот, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, не кажува тоа што му се припишува.
Тврдење: Видео прикажува извештај на Би-Би-Си њуз кој потврдува дека Украина му дала оружје на Хамас.
ФАКТИ: Содржината на видеото е измислена, а снимката е создадена со злоупотреба на логото на Би-Би-Си.
Тврдење: Момче лежи во голема локва крв за време на војната Израел-Хамас.
ФАКТИ: Станува збор за видео на млад актер од снимањето на краткиот филм „Empty Place“ за историјата на Ахмад Манасра, Палестинец уапсен на 13 години во 2015 година.
Тврдење: Нимрод Алони, највисокиот генерал во израелската армија, заробен е од Хамас на 7 октомври во близина на Појасот Газа.
ФАКТИ: Неточно. Алони беше виден на 8 октомври на состанок на највисоките израелски воени претставници.
Тврдење: Снимка од борците на Хамас како со падобран слетуваат на спортско игралиште пред да ги нападнат израелските граѓани на 7 октомври.
ФАКТИ: Иако Хамас користеше параглајдери за да префрли некои борци преку границата меѓу Газа и јужен Израел, видеото од спортското игралиште покажува падобранци во Каиро, Египет, во септември оваа година.
Тврдење: Две видеа покажуваат дека рускиот претседател Владимир Путин ги предупредува САД да се „држат настрана“ од најновата војна меѓу Израел и Хамас.
ФАКТИ: Двете видеа се од пред неколку месеци. Путин зборува за војната меѓу Русија и Украина, а не за војната во Израел. Неговата изјава е изменета во преводот на англиски јазик.
АП ќе продолжи да се занимава со широко распространети дезинформации, вклучително и соработка со компании и организации за да додаде фактички контекст на погрешните содржини што циркулираат на интернет.