Во Македонија се конзумира безбедна храна. Затоа постојат и мониторинг програми, како и посебна програма за безбедност на храната поделена во посебни сегменти и сите анализи покажуваат дека јадеме квалитетна односно безбедна храна, вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.
– Во периодот од 1 јануари до денес се извршени околу 33.500 контроли на сите објекти. Најчести поплаки од граѓаните се главно околу задоволување на хигиенските стандарди во објектите или околу изминатиот рок на употреба на производите, вели Атанасов во изјава за новинарите на традиционална хуманитарна манифестација во пресрет на 16 Октомври, Светски ден на храната, што се одржа во Веро-центар во Скопје во соработка со ОПМ, Црвен крст и граѓанскиот сектор.
Тој како илустрација посочи дека од почетокот на годината до септември се уништени околу 14 тони храна прогласени како небезбедни.
Во однос на потеклото на храната рече дека статистички има тенденција на изедначување на процентот на увозот на храната со извозот. Најмногу, вели, во земјата се увезува пилешко месо, бидејќи немаме свое домашно производство, како и сите светски брендирани производи кои не се произведуваат кај нас.
Марјана Лончар Велковска од Организацијата на потрошувачи на Македонија, вклучена во манифестацијата посочи дека денеска се одбележуваат Денот на храната, 16 Октомври и 17 Октомври, Светскиот ден на борба против гладта, а собраната храна ќе биде доделена на СОС Детското село и на Пунктот за бездомници на Црвен крст.
– Оваа иницијатива веќе стана традиционална, меѓутоа би сакала да апелирам до самите проиизводители и трговци ова веќе да прерасне во нивна заедничка иницијатива и во РМ навистина да имаме вакви случаи и глетки, затоа што им е потребна на граѓаните храната која би требала да стигне до нивните трпези, а не да се фрла. Сметам дека ова подрачје наскоро ќе биде регулирано како што треба, на што работиме заедно со АХВ, особено на новиот правилник за означување на храната и информации за храната, рече Лончар Велкова.
Одговарајќи на новинарско прашања таа рече дека кај нив граѓаните реагираат за храната, а поплаките ги доставуваат до АХВ. Доколку се работи за надворешно оштетување на производот тогаш тоа го решаваат со самиот трговец, а поплаки има и за различни цени на рафтовите и при доаѓање на каса. Граѓаните бараат и појасно истакнување на производите од каде доаѓа и начинот на подготовка.
Манифестацијата беше организирана од АХВ во рамки на кампањата на Организацијата за земјоделство и храна при ОН (ФАО) по повод Денот на храната, а под мотото „Во светот да нема глад до 2030 година е можно“. Пораката од настанот, како што рече Атанасов, е дека нашето стопанство односно производителите на храна се подготвени да ги задоволат потребите за храна во Македонија