Предизвиците и проблемите со кои се соочува грчкото малцинство во Албанија, беа тема на денешната средба на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со делегацијата на Демократска унија на грчкото национално малцинство/ Омонија и партијата на Унијата за човекови права.

Акцент беше ставен на прашањето за гарантирање на слободното остварување на правото на самоопределување, како во рамките на законот за заштитата на малцинствата во земјата, така и во рамките на пописот планиран следната година во Албанија, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштуваат од кабинетот на премиерот на Грција, претставниците на партиите на грчкото малцинство во Албанија, ја истакнале и важноста за решавање на имотното прашање, а на средбата станало збор и за други теми како што се образованието и употребата на грчкиот јазик, прашањето за пензиите на иселениците, како и поддршка за иселениците бизнисмени кои сакаат бидат активни во Албанија.

Паралелно, изразиле надеж дека премиерот ќе ги посети регионите каде што живее грчкото малцинството, а Мицотакис ветил дека ќе ја оствари оваа посета.

-Премиерот, од своја страна, ги увери претставниците на грчкото национално малцинство дека грчката влада ќе биде цврсто на нивна страна, потенцирајќи дека напредокот и просперитетот на малцинството е важен приоритет и висока точка на агендата на односите и дијалогот на Грција со Албанија, а е вклучен во обврските на Албанија во рамките на нејзината европска перспектива. Премиерот се осврна конкретно на неодамнешната средба со премиерот на Албанија, Рама, со кого се согласија да преземат конкретни чекори за напредок, започнувајќи од прашањата со кои се соочува малцинството и со перспектива конечно решавање на сите нерешени прашања во билатералните односи, соопштуваат од кабинетот на грчкиот премиер.