Кабинетот на грчкиот премиер, Алексис Ципрас, испрати одговор на изјавата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов дека не прифаќа ерга омнес име, ниту менување на Уставот, дека ставот на грчката влада е јасен:„услов за членство во НАТО и во ЕУ е комплексно име со географска или временска одредница, ерга омнес и менување на Уставот“.

Во исто време, со соопштението Ципрас испрати порака и до лидерот на грчката опозција, Киријакос Мицотакис, барајќи од него да покаже сериозност.

„Нова демократија не треба да брза. За сега нема никаков договор.Тој наскоро ќе дознае, доколку се постигне договор, дека ќе биде тешко да најде аргумент за да не го поддржи“.

Во владиното соопштение се истакнува дека „единствено нешто што во моментов постои е одлуката на Светиот синод на Екуменската патријаршија со која треба да се задоволи барањето на македонскиот премиер да се избрише терминот „македонска“ од името на црквата на нашиот северен сосед“, пишува денешна „То вима“

Инаку интернет изданието „Екатимерини“, повикувајќи се на неименувани дипломатски извори денес објавува дека во игра се три, од претходно пет предлози за новото име на Македонија, но оти како најизгледно, а наводно прифатливо и од двете страни е „северна Македонија“.