Како поминуваат деновите, бројот на загинати во катастрофалните пожари во поширокиот регион на Атина, дополнително се зголемува. И една седмица подоцна, уште никој не може да поверува како за само неколку часа огнената стихија одзеде над 90 животи.
Минатиот понеделник, додека сите погледи беа насочени кон западниот дел на областа Атика, каде што големиот шумски пожар брзо се прошири кон населените места, никој не очекуваше дека еден друг пожар, на спротивната страна, само неколку часа подоцна ќе донесе толку голема трагедија.
Дописничката на МИА од Атина ги посети населбите во општина Рафина, приморските места во кои и една седмица по катастрофалните пожари во кои најмалку 91 лица го загубија животот, а 14 се водат за исчезнати, се уште мириса на чад, а пеплосаните куќи немо сведочат за трагедијата. Граѓани кои останале без кров над глава, граѓани кои се обидуваат да ги санираат штетите, граѓани кои се уште не се свесни како преживеале со солзи во очите за МИА раскажуваат како успеале да се спасат од огнените јазици.
Приморската населбата Мати и во минатото била подложна на пожари, како што велат мештаните, но никогаш до степен како овој пат. Најчесто пожарите од планинскиот дел почнувале да се симнуваат надоле, но кусо пред Мати менувале насока.
Населбите Мати, Неос Вуѕас и Кокино Лиманаки се наоѓаат на 30 километри од центарот на Атина. Не е потребно да се следат табелите и патоказите за да се стигне до нив, мирисот на чад и една седмица подоцна е водич до некогаш едни од омилените летни дестинации на Атињаните. За само неколку часа, колку што траеше пожарот, огнените јазици целосно го променија ликот на малите населби.
Пустош, тага и болка е она што на прв поглед се забележува во погодените населби од пожарот. Празни куќи, празни улици, пепел, остатоци од нешто што порано било таверна, ресторан, кафуле, куќа и слично. Од разни предмети што ја издржале огнената стихија може да се извлече заклучок, што останатите урнатини биле претходно.
По тесните улички преовладува некоја чудна тишина. Нема никаква раздвиженост, не се слуша детски џагор, нешто што според мештаните, била вообичаената „врева“ во Мати. По улиците се движат единствено оние кои се таму од некоја конкретна причина: екипи на грчката електродистрибуција кои работата на санирање на штетата, полицајци, волонтери кои одат од куќа до куќа и нудат помош и новинарски екипи. Граѓаните речиси и да се бројат на прсти.
„Сите сме добри“, напишано рачно, со пенкало на обичен лист хартија, заедно со телефонски број, е пораката која што се сретнува на одредени влезни врати во дворовите на некои од куќите изгорени во пожарот. Граѓаните веројатно за да им ја олеснат работата на спасувачките екипи, се решиле на ваков чекор, упатувајќи порака дека нема исчезнат член на нивното семејство.
Герасимос и неговата сопруга веќе над 60 години ја имаат викендичката во Мати. Седи во дворот на неговата куќа, додека работници ги сечат изгорените дрва. Тој е еден од преживеаните, со мали штети на домот, но не може да ги скрие солзите уште на почетокот на разговорот.
– Загинаа наши соседи и пријатели. Ќерка ми уште плаче. Девојчињата со кои порасна и си играше изгореа живи. За жал, нема враќање назад. Нема да се вратат загубените животи. Мојот пријател и една седмица подоцна вели дека во неговите уши уште одекнуваат вресоците на луѓето кои гореле. Ако пожарот беше во недела, ќе имавме 500 загинати, затоа што за викендите секое семејство има гости. Ние во неделата имавме 10 луѓе тука, правевме скара, објаснува 82 годишниот Герасимос.
Четиричленото семејство на Никитас останало без кров над глава. Нивната куќа изгорела целосно, а сега, привремено, се сместени во камп.
– Го видовме пожарот и за неколку минути стигна до нашиот дом. Никој не нѐ предупреди и никој не се обиде да го евакуира местото. Стигнавме до морето. Влеговме во море, останавме таму околу два – 2,5 часа кога дојде рибарски чамец да нѐ земе. Бевме сигурно околу 100 луѓе. Вечерта отидовме во еден хотел, но немаа соби и спиевме на клупа. Мојата куќа изгоре целосно. Не знам што ќе правиме. Пари немаме за да ја изградиме од почеток. Да видиме државата што ќе направи. Сега сме сместени во камп. Ни отстапија една куќарка. До кога ќе бидеме таму не знам, раскажува 65 годишниот Никитас.
Парадоксални се глетките на куќи кои иако се на многу мала оддалеченост, едните се целосно пеплосани, другите недопрени. Слична е сликата и со некои мали згради. Едниот стан е комплетно изгорен, останатите како никогаш и да немало пожар.
Мештаните објаснуваат дека ова се должи на ветрот, што ја одредувал насоката на огнената стихија. Коментираат дека во изминатите минимум 50 години никогаш немало толку силен, западен ветер.
– Ние бевме дома и успеавме на време да побегнеме бидејќи нѐ известија пријатели дека пожарот се шири и се симнува надоле со голема брзина и голем интензитет. Во изминатите 55 години немало толку силен западен ветер. Ја заклучивме куќата и се упативме кон пристаништето во Рафина. Објектите од дрво целосно изгореа. Нашата куќа претрпе мала штета. Мислам дека противпожарната служба направи голем пропуст што не реагираше навреме, објаснува госпоѓа Василики и не ја крие среќата што таа, но и членовите на нејзиното семејство го преживеаа катастрофалниот пожар.
Земјениот плац, со изгорен објект, веројатно таверна, каде што 26 лица не успеаа да се спасат и поделени во групи, прегрнати, трагично загинаа, сега е затворен…
Во утрешниот втор дел од репортажата на МИА, читајте за „плацот на смртта“ како што го нарекуваат во Грција конкретното место, каде што трагично загинаа и двете деветгодишни близначки по кои трагаше цела Грција, за 83-годишниот старец кој буквално трчал да се спаси, но и за хуманоста на Грците која ги изненади сите.