Војската во Авганистан ликвидира 385 талибански бунтовници во изминатите 24 часа, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана.
– Во изминатото деноноќие, 385 талибански терористи се убиени, а уште 210 се повредени во рамки на авганистанските воени операции, напиша Министерството на својот профил на Твитер.
Вооружените сили на Авганистан спроведоа операции во 14 провинции, вклучувајќи ги Кандахар, Херат и Хелманд.
Борбите во долгогодишниот конфликт во Авганистан се интензивираа од мај, кога странските сили ја започнаа последната фаза од повлекувањето, кое треба да заврши кон крајот на овој месец.
– Авганистан е на „опасна пресвртница“ бидејќи Талибанците продолжуваат со сеопфатната офанзива против владините сили низ целата земја, предупреди специјалната претставничка на ОН за Авганистан, Дебора Лајонс.
Таа на состанокот на Советот за безбедност истакна дека „претстојат или вистински мировни преговори или трагично испреплетена серија кризи: се побрутален конфликт во комбинација со акутна хуманитарна криза и со повеќе кршење на човековите права“.
Лајонс додаде дека сега имаат можност да ја покажат посветеноста на Советот за безбедност на ОН и на меѓународната заедница, и да спречат Авганистан да не западне во катастрофална ситуација.
– Таквата катастрофа би имала последици далеку надвор од границите на Авганистан, нагласи специјалната претставничка на ОН.
Проценките на ОН укажуваат дека повеќе од 1.000 луѓе се убиени во изминатиот еден месец, додека Талибанците се обидуваат да заземат големи градови под контрола на Владата и ја преземаат одговорноста за серија напади во главниот град Кабул, вклучувајќи го и нападот врз авганистанскиот министер за одбрана.