Поројните дождови во Јужен Судан принудија десетици илјади луѓе да ги напуштат своите домови, што ја влоши и онака ужасната хуманитарна состојба во регионот зафатен од војна, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.

Околу 90.000 луѓе веќе се погодени од поплавите, а постојаните дождови поплавија куќи и обработливо земјиште и ги принудија жителите да се засолнат заедно со својот добиток во повисоките области.

Најпогодени се областите во јужната суданска провинција Џонглеј, се наведува во соопштението.

– За многумина, ова е втор пат да се соочат со поплави од мај, соопшти организацијата на ОН.

Според извештајот на Светска банка од април 2021 година, 82 проценти од 11 милиони жители се сиромашни.

– Поплавите сериозно ги загрозуваат шансите на жителите да преживеат, предупреди хуманитарниот координатор на Канцеларијата на ОН, Арафат Џамал.

ОН испратија апел за итна помош, бидејќи на загрозеното население му е потребно засолниште, лекови и вода за пиење.