Над македонското небо вчера се забележани рекордни 1.007 летови, со што втор пат оваа година се надмина бројот на летовите, велат од М-НАВ за МИА.
Директорот на М-НАВ Николче Тасески изјави за МИА дека вчера се остварени вкупно 943 прелети и 64 операции на аеродромите во Скопје и Охрид.
– Во првата половина на 2018 година продолжи трендот на континуиран раст на сообраќајот, кој започна во 2017 година кога се забележа раст од над 20 отсто на глобалниот сообраќај, вели Тасески.
Во првите шест месеци од 2018 година М-НАВ има реализирано вкупно 82.619 операции, наспроти 73.074 операции во 2017 година, со што бележи дополнителен раст од 13,6 отсто.
– Во однос на полетувања и слетувања бележиме раст од 15,9 проценти, 8.868 операции во 2018, наспорти 7.651 операција во 2017 година, нагласи Тасески за МИА.
Месец со најголем раст на вкупниот сообраќај е мај – со вкупен сообраќај од 19.594 во 2018 година, наспроти 16.768 во 2017 година, што претставува вкупен раст од 16,9 отсто на месечно ниво.
Трендот на континуиран раст на сообраќајот продолжува и во текот на летните месеци. Најоптеретен ден во неделата останува сабота, а среда, петок и недела се следни денови во неделата по оптеретност.