Австралија денеска го прогласи либанскиот Хезболах за терористичка организација, проширувајќи ја забраната за неговото воено крило на цела организација која има голема моќ во Либан.
Членството во организацијата и нејзиното финансирање сега ќе бидат забранети во Австралија, која има голема либанска заедница.
Австралиската министерка за внатрешни работи Карен Ендрјус изјави дека проиранската шиитска организација „продолжува да се заканува со терористички напади и да дава поддршка на терористичките организации“, претставувајќи „реална и веродостојна“ закана за Австралија.
Израелскиот премиер Нафтали Бенет, кој се состана со австралискиот премиер Скот Морисон претходно овој месец на климатската конференција на ОН, каде што тој апелираше до него да го забрани Хезболах, го поздрави таквиот потег.
– Им благодарам на австралиската Влада и на мојот пријател Скот Морисон за нивната намера да го дефинираат Хезболах како терористичка организација. Ќе продолжиме да дејствуваме против тероризмот на секој можен начин, вклучително и на меѓународната сцена, изјави Бенет.
Израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид истакна дека „Австралија е близок пријател на Израел во борбата против глобалниот тероризам“.
Тој потсети дека слична одлука во изминатите две години донеле 17 земји, кои сфатиле дека не постојат посебни крила на терористичката организација, туку таа е „едно тело и секоја поделба меѓу нејзините делови е вештачка“.
Некои западни земји го нарекоа Хезболах терористичка организација, но некои држави не сакаат да го санкционираат неговото политичко крило, плашејќи се од дестабилизација на Либан и нарушување на контактите со властите.
Хезболах е прогласен за терористичка организација во момент кога Либан се соочува со политичка и економска криза и речиси 80 отсто од населението живее под прагот на сиромаштија.
Австралија денеска ја стави на црната листа и ултрадесничарската група База, која се смета за насилна, расистичка и неонацистичка и дека планирала и подготвувала терористички напади.