Рафаел Надал без потешкотии ја мина првата сериозна пречка на Австралија опен. Најдобриот тенисер во третото коло во Мелбурн го совлада сонародникот Пабло Карењо Буста со 6:1, 6:2, 6:4 и закажа дуел со Австралиецот Ник Кирјос.
Проблеми немаше ниту петтиот носител, Австриецот Доминик Тим кој во четири сета го елиминира Тејлор Фриц со 6:2, 6:4, 6:7, 6:4.
Три сета му беа потребни на 10 рангираниот тенисер на Австралија опен за триумф во мечот со Ернест Гулбис од Летонија со 7:6, 6:4, 6:3.
Стен Вавринка, пак, речиси без борба се најде меѓу најдобрите 16, откако Американецот Џон Изнер го предаде натпреварот при водство на ривалот од Швајцарија со 6:4, 4:1.
Каролина Плишкова е најзвучното име што го заврши настапот на гренд слемот во шестиот натпреварувачки ден. Подобра од неа во третото коло беше Русинката Анастасија Пављученкова со 7:6, 7:6.