Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, е роден на 1 мај 1955 година во село Добрушево, Битолско. За епископ е хиротонисан на 12 јули 1986 година, а во октомври 1999 година е избран и востоличен за поглавар на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Годинава се одбележува значајниот јубилеј – 40 години од неговата архиерејска хиротонија (1986–2026).
По овој повод, Епархискиот управен одбор на Австралиско-сиднејската епархија, во името на чесното свештенство и верниот народ, упати честитка до Неговото Блаженство, поглавар на МПЦ–ОА и администратор на Австралиско-сиднејската епархија, со следната содржина:
Ваше Блаженство,
Од името на Епархискиот Управен Одбор, свештенството и верниот народ на Македонската Православна Епархија за Австралија – Сиднеј, Ви упатуваме честитки по повод значајниот јубилеј – 40 години од Вашата архиерејска хиротонија.
Четири децении архиерејско служење претставуваат сведоштво за живот посветен во служба на Христа и Неговата Света Црква. Му благодариме на Семилостивиот Бог за годините на Вашето архиерејско служење и Му вознесуваме молитви и понатаму да Ве дарува со добро здравје, духовна крепост, мудрост и благодат во извршувањето на Вашата архипастирска служба.
Нека Господ Исус Христос, по молитвите на Пресвета Богородица и на сите светии, Ве укрепува и чува уште многу години, за доброто и напредокот на нашата Света Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија.
На многаја лета Ваше Блаженство!!!




