Цената на електричната енергија на берзите постојано расте, поради големите горештини и се поистакнатата неизвесност во снабдувањето со гас. Токму од тие причини натамошниот развој на ситуацијата е непредвидлив, а наесен може да има ново поскапување, изјави Штефан Цах, портпарол на австрискиот енергетски концерн ЕВН.
Цах истакна дека поскапувањето на струјата на енергетскиот пазар достигна историски димензии.
Експертите очекуваа дека во текот на летото може да дојде до пад на цената.
Високите температури во Европа се одразуваат и врз водостојот на реките, што има индиректни последици за производството на електрична енергија, а индиректно го отежнува и транспортот на јаглен. Исто така, поради топлото време отежнато е и разладувањето на капацитетите за производство на електрична енергија.
Во Австрија поради нискиот водостој на реките опаѓа производството на струја во хидроцентралите. Компанијата „Фербунд“ соопшти дека поради нискиот водостој производството на електрична енергија во хидроцентралите во моментов е под просекот, но се уште во рамки на долгорочните осцилации.