Германската авиокомпанија Луфтханза го повлекува од Интернет контроверзното промотивно видео за Светскиот куп во Русија по огромните критики за филмот.

Видеото трае 36 секунди и на него се прикажани германски фудбалски навивачи кои, според видео описот, се на пат од Германија за Москва и за чудење наоѓаат разлики во условите со тие во Бразил, каде се одржа последното фудбалско првенство.

На видеото на Луфтханза се гледаат сцени со посета на црква, ноќен клуб и река, наводно сето снимено во рускиот главен град. Проблем;ниту една сцена не била снимена во Русија, туку целиот материјал е направен во главниот град на Украина, Киев. Помеѓу 30 мај и 3 јуни повеќе од 1,2 милиони луѓе го гледале видеото само на ЈуТјуб.

Повеќе украински политичари се пожалиле, некои и на Твитер, некои дури се јавиле и во Брисел, ставајќи забелешки. Но, имаше и шеги, како таа на Катерина Крук, активистка од Мајдан, која изјави:Секогаш знаев дека Киев е прекрасен град, а украинските видео продуценти прават вистинска работа за да го претворат Киев во водечка филмска локација во Европа“. Таа потоа шегата ја става на страна и со сета сериозност за Билд изјави дека во Европа има уште луѓе кои ја пропуштиле четиригодишната руско-украинска војна и сметаат дека Украина и Русија се уште заедно“.

Билд се обрати до Луфтханза за скандалозниот промотивен филм, а портпаролот на компанијата изјавил дека „заради логистички причини тој е снимен во Украина“,и додал дека за „промотовни филмови не е невообичаено да не се снимаат на оригинални локации, туку тоа им се остава на имагинацијата на гледачите“.

Како и да е, Луфтханза конечно ја призна грешката, „кај некои луѓе филмот ги повредува чувствата и ние жалиме заради тоа, па од тие прични Луфтханза го повлекува филмот на сите социјални платформи уште викендов“, се наведува во соопштението од компанијата.