Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе присуствува на настан по повод поставувањето камен-темелник на проектот Коридор 8, што ќе се одржи кај наплатната рампа на автопатот Тетово – Гостивар.
Како што соопшти владината Прес-служба, покрај Ковачевски, на настанот, меѓу другите, ќе присуствуваат и ќе се обратат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми.
Делницата Тетово – Гостивар од Коридорот 8 ќе ја гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, со кого Владата на 8 март годинава потпиша договор за изградба на четири автопатски делници во должина од 108,8 километри.
Изградбата на делницата Тетово-Гостивар во должина од 17,5 километри, според првичните пресметки, ќе чини 125 милиони евра.
Останатите три делници опфатени со договорот со „Бехтел и Енка, чија вредност е 1,3 милијарди евра, без средствата за експропријацијата и проектирање, се Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола.