Постои големо недоразбирање меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и нејзиниот коалициски партнер и министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, а главната причина се азилантите.

Германските медиуми објавија дека Зехофер својот голем план за решавање на азилантската криза, која деновиве се претвори во мега скандал, откако се дозна дека исламисти добиле државна заштита, министерот од баварската сестринска партија на ЦДУ ја откажа најавената прес-конференција. Причина – требало планот малку да се доработи.

Тој план требаше да го објави утре во Берлин, но тој во главниот град на Германија ќе се сретне со австрискиот канцеалр Себастијан Курц, но и со Меркел, со која треба да испегла некои важни детаљи во планот.

Зехофер, кој на почетокот на годинава во едно интервју рече дека „исламот не му припаѓа на Германија“, инсистира идните баратели на азил, кои веќе се регистрирани во некоја земја на ЕУ и со нивни отисоци се влезени во системот на ЕУРОДАЦ, или биле депортирани од Германија, да бидат отфрлани уште на граница.

Но, Меркел одбива.

„Ние се уште го договараме мастер планот. Јас сум за тоа да го почитуваме европскиот закон, затоа што решение гледам само во регулативите“, изјави Меркел.

Меѓутоа, во ЦСУ аргументот го сметаат за апсурден. „Одбивањето е валиден европски закон според Даблинската регулатива“.

Кругови во ЦДУ ветиле дека планот ќе го дадат на разгледување во СПД до недела попладне. Но, се чини има малку простор за Зехофер, зашто неговата клучна поента во планот е одбивање на азилантите на границата и тоа го оправдува со подобра безбедност на границите и побрза регистрација на азилантите.

Доколку на Зехофер не му се прифати планот, јасно е дека тој ќе изгуби од кредибилитетот и неговата функција ќе виси во воздух. Ако му падне клучната точка од планот, не му преостанува ништо друго туку да си поднесе оставка.

Доколку, пак, помине планот на Зехофер, тоа ќе значи дека прва на удар ќе биде Австрија која ќе се соочи со голем број азиланти, а потоа може да се очекува домино ефект, односно да бидат зафатени држава по држава.