Бабата на Нахел М, Надија, повика на смиреност по петтата ноќ на немири низ Франција што избувнаа откако полицијата го уби нејзиниот 17-годишен внук.

„Не сакам да уништуваат продавници, автобуси и училишта“, изјави Надја за ТВ БФМ.

„Тие го користат Нахел како изговор“, рече таа, а потоа додаде: „Сакаме работите да се смират“.

На новинарско прашање за парични донации за одбрана на полицаецот кој беше уапсен откако го застрела Нахел во вторникот, таа рече: „Срцето ме боли“.

Но, вели дека има доверба дека полицаецот ќе биде казнет како и сите други.

„Уморна сум“, рече таа. „Готово е, моето дете нема повеќе живот“.

Таа повика на смиреност и прекин на немирите, додавајќи: „Не ги уништувајте училиштата, не ги уништувајте автобусите. Има и други мајки кои ги користат тие автобуси“.

Таа претходно изјави дека демонстрантите ја искористиле смртта на Нахел како изговор за дивеење.

Во вторникот наутро, Нахел беше смртно застрелан во градите, од непосредна близина, зад воланот, бидејќи се обидел да избега при полициска сообраќајна контрола.