Чешкиот премиер Андреј Бабиш денеска во Прага, на самит за одбрана, предупреди дека војната на Русија против Украина трае 99 дена подолго од Првата светска војна, а бидејќи светот сега оди директно кон портите на пеколот, Европа и САД мора итно да ги принудат Зеленски и Путин да седнат на преговарачка маса.
„Руската војна во Украина трае 1.666 дена, односно 99 дена подолго од Првата светска војна. Не се плашам да го кажам тоа гласно. Патот по кој светот оди денеска не води кон безбедност. Тој води директно до портите на пеколот. Тој нè води кон Третата светска војна“, рече Бабиш на Самитот за одбрана во Прага.
Чешкиот премиер ја осуди Русија за нејзината агресија врз Украина, но во исто време го критикуваше Западот и неговите лидери дека се концентрираат само на военото решение на конфликтот.
„Ако се фокусираме само на воено решение, мислам дека тоа не е идеално“, рече Бабиш и предупреди дека американскиот претседател Доналд Трамп сè повеќе јасно става до знаење дека војната е првенствено проблем за Европа, а не за САД, и затоа, според чешкиот премиер, Европа мора повеќе да се занимава со дипломатско решение.
„Штом некој во Европа споменеше дека би сакал да го реши тоа преку дипломатија, веднаш го критикуваа“, рече Бабиш.
Чешкиот премиер, исто така, изјави дека Европа мора да извлече поуки од војната во Украина и да најде решенија во случај на напад, првенствено одбрана од балистички ракети.
„Можеби сум наивен, но сакам да ги убедам нашите партнери да се фокусираат на таков проект“, рече Бабиш.
Андреј Бабиш го спомена примерот со Ербас, каде што европските земји покажаа што се способни кога ги обединуваат своите капацитети и напори, и дека на сличен начин би можеле да создадат антиракетен штит како што направи Израел.
Бабиш го нарече заедничкиот европски противракетен систем ЕУРО Патриот, а според негово верување, тоа би бил значаен придонес на европските земји во НАТО, не изграден како паралелен систем ниту за заобиколување на САД, туку вклучен во европското крило на НАТО, кое со договор презема зголемена одговорност за одбраната на Европа.
Меѓународната безбедносна конференција „Прашки самит за одбрана“ се одржува од 16 до 18 септември во чешката престолнина, а оваа година е посветена на зајакнување на одбранбените капацитети на европските земји, решенија за ефикасна поддршка на Украина и нови технологии во армијата.
Фото: архива




