Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) доби официјално известување од Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ дека Република Македонија го доби статусот на земја слободна од болеста чума кај малите преживари (овци и кози), со што го исполнивме условот земјава од страна на Европската комисија да биде одобрена за извоз, не само на месо од овци и кози, туку и на живи животни и нивни производи, информира директорот на АХВ Николче Бабовски.

-Добивањето на сертификатот за слободна земја од оваа болест, согласно препораките од Научната комисија за болести кај животните и Светското собрание на делегати на ОИЕ, за РС Македонија претставува основа за полесен пристап до меѓународните и отворање на нови пазари, но и мотив за уште поголемо унапредување на овчарството и козарството во земјава, изјави Бабовски.

 

За добивање на статусот слободна земја од болеста чума кај мали преживари, посочи, АХВ до ОИЕ минатата година достави апликација и досие во кое детално беше наведена состојбата со болеста во земјава, постоечките контролни системи и поставеноста на ветеринарната служба, надзорот и други податоци релевантни за добивање на овој статус. Болеста чума кај малите преживари, додаде, не е опасна за луѓето, но, причинува големи економски загуби кај овците и козите.

-Болеста задолжително се пријавува во ОИЕ и затоа и покрај добивањето на статутот слободна земја од болеста чума кај малите преживари, Агенцијата за храна и ветеринарство има обврска за задолжително информирање на ОИЕ за тековната и за евентуална промена на епидемиолошката состојба со болеста чума кај малите преживари, потенцира Бабовски.