Со традиционалното делење на бадниковите гранчиња и народен собир на платото пред Соборниот храм „Свети Килмент Охридски“ во Скопје се одржа 27-то скопско бадникување, во организација на Здружението на граѓани Одбор за прослава на Бадник.
Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија г.г. Стефан во своето послание порача дека раѓањето на Исус Христос е најзначајниот момент за човештвото.
-Со тој неповторлив настан нам на луѓето ни е дарувано она што никој друг не може да ни го подари. Без Богомладенецот, без Синот Божји не можело да се повика на повторна близина и единство со Бога. Затоа богораѓањето кое се случило преку Пресвета Дева Марија значело воскресение за родот човечки кој бил оддалечен од Бога поради гревот, значело исполнување на времето за да дојде ветениот и очекуван спасител.
Тој посочи дека човештвото, преку избрани луѓе во текот на старозаветниот период, било подготвувано за местото и настанот што се случи во Витлеем.
Здравичарот Миливое Алексиевски – Сирма, резбар, потомок од познатата мијачка тајфа Мирчевци и тренер и инструктор по пливање, рече дека коледарите изутрината со своите песни го најавија Христовото раѓање. -Божик е најголемиот и најсветиот христијански празник. Бидете живи, здрави и весели и имајте среќа и благосостојба. Ширете насекаде околу вас љубов, чистота и светлина, рече Алексиевски и им го честиташе пазникот на верниците.
Минатогодишниот бадникарски кум Влатко Огненовски им го честиташе празникот на присутните и им порача на сите да се сакаат, почитуваат и да си помагаат. -Поминав една година која ќе ја запаметам за секогаш. Длабоко во срцето останувам кум и во 2019, 2020 година и понатаму во животот, рече Огненовски.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов истакна дека нема поубаво чувство од она кога ќе ве разбудат наутро дечиња кои пеат коледарски песни и го најавуваат Бадник и Божик. -Влегуваме во период во кој треба да бидеме заедно со своите блиски, со своите семејства и да ја споделиме убавината, љубовта и добриот глас помеѓу нас. Вистинско време е да престанат поделбите, да се погледнеме во очи едни со други и од нас да излезе целата човештина што ја имаме. Да ги заборавиме делбие и омразата бидејќи имаме еден живот и треба да го споделиме и потрошиме на љубов кон нашите блиски, рече Шилегов.
Изрази убедување дека традицијата на бадникарење во Скопје ќе продолжи и понатаму.
Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ им посака на пристутните на Бадниковата вечер заедно со своите најблиски да си посакаат љубов, здравје и успех во годината која претстои.
Бадникарскиот кум Љупче Николовски, сопственик на фирмата „Белина“, посака во годинава што иде сите да ги прати среќа, здравје, мир, слога и хуманост, како и да имаат благосостојба и можност да водат успешни бизниси. -Да ги сакаме своите најблиски, да го сакаме Скопје и Македонија, а традицијата на прославувањето на христијанските празници да ја чувствуваме ние и нашите поколенија, рече Николовски.
По обраќањето, минатогодишниот кум Огненовски му го предаде ќупот со бадникови гранчиња на градоначалникот Шилегов, кој, пак, му го врачи на новиот кум Николовски по што се кршеше погача со паричка. Потоа новиот кум заедно со неговото семејство со пајтон замина од пред платото на Соборниот храм.