Во Скопје денеска се одржа детска бадникова поворка како предвесник на утрешниот христијански празник Рождеството Христово – Божик.

Децата учесници во бадниковата поворка  се собраа на платото пред црквата „Св.Димитриј“, каде се одржа голема божикна манифестација со Божиќен концерт и Божиќна претстава.

Коледарчињата придружувани од нивни родители и блиски, беа пречекани со бадникови чајчиња и колачиња за секое дете. На Божикниот концерт настапија повеќе македонски афирмирани пејачи, како Елена Ристеска, Влатко Лозаноски, Викторија Лоба, Тамара Тодевска, Некст Тајм, Димитар Андоновски, Љубојна и Златно Славејче, а  беше изведена и Божикната претстава „Најдобриот подарок за Божик” од Снежана Коневски – Руси, Дејан Лилиќ и креативниот центар Тинтири Минтири.

По завршувањето на манифестацијата пред „Св.Димитриј“ напладне присутните деца ја оформија најголемата Бадникова поворка во Македонија, и со песна се упатија кон Соборниот храм каде што пред специјално поставена голема Божикна пештера, беа дарувани и со Божикни пакетчиња.

Според организаторите, Здружението „Бадникови поворки”, денешниот свечен настан кој се одвива под мотото „Празнуваме, се радуваме!“ има за цел, радоста и топлината на Бадник и Божик да ја почувствува секое детско срцe.