Околу 500 дечиња од Охрид, Дебрца и Велгошти денеска пеејќи ја песната „Вечниот бог“ по шести пат годинава, поминаа низ охридските улици најавувајќи го Христовото раѓање.

Со ѕвезди и ѕвончиња  најмладите ја ширеа радоста низ градот тргнувајќи од пред црквата „Свети Ѓорѓиј“  движејќи се низ централното градско подрачје пристигнаа на  Градскиот плоштад каде беа пречекани и дарувани со пакетчиња од в.д. градоначалникот Константин Георгиески. Потоа продолжија кон црквата „Света Богородица“ во Каменско, каде со ручек ќе ја завршат поворката.

Локалната самоуправа, како што истакна Георгиески ги поддржува настаните, што ја негуваат традицијата и го јакнат нашиот идентитет и интегритет како народ.

-Традицијата и обичаите се дел од културата на секој народ, па така и на македонскиот. Денеска го прзануваме Бадник, ден пред Христовото раѓање. Овие дечиња кои со насмевка и со полни срца радост ни го најавија Христовото раѓање се синоним на традицијата и обичаите, изјави Георгиески.

Изминатите шест години, според претставникот на Организацискиот одбор Летка Филиповска, вложиле многу љубов во овој настан, кој од година во година е се помасовен.

-После шест години години вложувајќи многу љубов во овој настан, годинава успеавме да го достигнеме рекодниот број од над 500 деца учесници. Се надеваме дека бројката ќе се зголемува од година во година. Што повеќе деца, толку поголема е радоста, нагласи Филиповска.

Дечињата радосни, некои учествуваат прв пат, а други по шести, велат дека се многу среќни што учествуваат во поворката и оти со пеење на „Вечниот бог“ го најавуваат Христовото раѓање и шират радост кај луѓето.