Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека целосно стои зад неговата одлука за повлекување од Авганистан, бидејќи американските војници не треба да се борат и да гинат во војна во која самите Авганистанци не сакаат да се борат.
Синоќешното обраќање до јавноста од Белата куќа е прва изјава на Бајден за преземање на власта од страна на талибанците во Авганистан.
Последен пат тој зборуваше за Авганистан минатиот вторник кога ја бранеше својата одлука за повлекување на војниците од Авганистан и кога изрази уверување дека тамошната војска има сила да се одбрани од талибанците.
Но, наместо уредно повлекување, за што имаше јавна поддршка, целиот процес се претвори во понижувачки американски дебакл, пренесува Хина.
Бајден рече дека цврсто стои зад одлуката за повлекување на американските војници, и покрај тоа што талибанците ја соборија авганистанската влада за само неколку дена и ја презедоа контролата врз земјата.
Тој нагласи дека не сака да ги повтори грешките од минатото и да остане во војна што не е во американски интерес.
– Ако авганистанските сили не сакаат да се бранат, нема шанси дека уште една година или повеќе години од американски ангажмани да направат разлика, оцени Бајден. Тој рече дека американските сили не треба да се борат и да гинат во војна во која самите Авганистанци не сакаат да се борат.
– Авганистанските политички лидери кренаа раце и избегаа од земјата, а војската одби да се бори, рече американскиот претседател.
Тој, сепак, призна дека авганистанската влада падна побрзо отколку што очекуваа Американците. Бајден, исто така, откри дека авганистанскиот претседател Ашраф Гани одбил да учествува во обидот да се најде дипломатско решение.
Бајден додаде дека сцените од Кабул, каде владее хаос на аеродромот, предизвикуваат „грчеви во стомакот“.
Во наредните денови, американската војска ќе евакуира илјадници американски државјани од Авганистан, рече Бајден, најавувајќи дека САД ќе продолжат да го поддржуваат безбедното излегување на сите свои сојузници.
Тој им вети на талибанците брз и жесток одговор доколку ги нападнат „нашите луѓе“.
Сепак, мнозинството Американци (69,3%) не ги одобруваат постапките на претседателот Џо Бајден во Авганистан, покажува анкетата на истражувачката фирма Трафалгар груп. Речиси 89 отсто од републиканските испитаници не ја одобруваат политиката на Бајден во Авганистан, но не се согласуваат ни 48 проценти од демократските поддржувачи. Само 23,1 проценти од испитаниците се задоволни од политиката на Бајден кон Кабул.
Анкетата беше спроведена преку Интернет на 14 и 15 август 2021 година и вклучи 1.084 испитаници, со статистичка грешка од 2,98 отсто.