Американскиот претседател Џо Бајден планира на претстојниот самит меѓу САД и Африка да објави дека неговата администрација ја поддржува Африканската унија да се приклучи на групата 20 најразвиени земји (Г20) како нејзина постојана членка, соопшти Белата куќа.
Африканската унија претставува 54 земји од африканскиот континент, а Г-20 се најголеми светски економии, како и економии кои брзо се развиваат, и заедно сочинуваат повеќе од 80 отсто од светскиот бруто домашен производ (БДП). Јужноафриканската република во моментов е единствената членка на Г20.
Директорот за африкански прашања во Советот за национална безбедност на САД, Џад Девермонт, рече дека е крајно време Африка да има постојано место на масата во меѓународните организации и иницијативи.
– Потребни ни се повеќе африкански гласови во меѓународните дискусии за глобалната економија, демократијата, владеењето, климатските промени, здравствената заштита и безбедноста, додаде тој.
Бајден покани 49 африкански лидери да учествуваат во работата на тридневниот самит во Вашингтон, кој започнува во вторник.
Претставувањето во Г-20 ќе им овозможи на африканските земји поефективно да вршат притисок врз членовите на групата да ги претворат во акција нивните ветувања да и помогнат на Африка да се справи со последиците од климатските промени.