САД им оддадоа почит на повеќе од 500.000 жртви на Ковид-19 од почетокот на пандемијата, а претседателот Џо Бајден повика на единство во борбата против неа и нареди знамињата низ целата земја до петок да бидат спуштени на половина копје поради овој трагичен биланс.

Британските медиуми наведуваат дека претседателот Џо Бајден, првата дама Џил Бајден, потпретседателката Камала Харис и нејзиниот сопруг Даг Елмхоф со минута молк и 500 запалени свеќи, на скалите на Белата куќа им оддадоа почит на 500.000-те Американци починати од коронавирусот, а ѕвоната на Националната катедрала во Вашингтон симболично заѕвонија 500 пати во чест на мртвите.

Претседателот Бајден и се обрати на нацијата за трагичниот број на жртви и повика на нејзино уште поголемо единство во борбата против пандемијата.

Според британските медиуми, во САД до вчера се пријавени повеќе од 28 милиони случаи на инфицирани со Ковид-19 и 500.264 смртни случаи. Најзагрижувачки е податокот дека дури 19 проценти од сите смртни случаи поврзани со пандемијата низ светот се пријавени во САД, во ситуација кога американската нација сочинува само четири проценти од светската популација.

-Поминавме полошо од која било друга земја,а многу сме развиени и богати. Имаме 500.000 жртви. Тоа е неверојатна бројка, изјави водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи за телевизијата Еј-Би-Си.