Поранешниот американски потпретседател Џо Бајден ја повика администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп да ги ублажи санкциите против Иран во екот на пандемијата на Ковид-19.
Тој порача дека е потребно да му се помогне на Иран и другите земји кои се најтешко погодени од новиот коронавирус.
– Во период на глобални кризи, САД треба да им помогнат на оние кои се во опасност и им е потребна помош. Наспроти оваа смртоносна пандемија, која не познава граници, САД треба да им помогнат на најтешко погодените земји, вклучувајќи го и Иран, истакна Бајден во соопштение.
Тој побара од администрацијата на Трамп да им дозволи на фирмите да увезуваат лекови и медицинска опрема во Иран и на Техеран да му се овозможи пристап до меѓународните банки и транспортни компании.
– Можеме со иранските власти да имаме многу несогласувања, но хумано и правилно е да се постапи така. Иран во знак на добра волја би можел да ги ослободи притворените американски државјани, порача Бајден.