Претседателот на САД, Џо Бајден денеска настапи на предизборен митинг во Питсбург, Пенсилванија. Настапот не беше планиран и се случи покрај мост што се урна само неколку часа претходно, јави дописникот на МИА од Вашингтон. 

Темата на говорот беше инфраструктурата. 

Проблемите со инфраструктурата и градежната обнова и заштита на мостовите низ земјата е еден од адутите со кои демократите одат на следните конгресни избори, иако има шанси да ги загубат, судејќи според намалениот рејтинг на претседателот. 

-Ние ќе го подигнеме овој мост. Во Пенсилванија има уште 3.300 вакви стари и во лоша состојба мостови како овој, а низ целата земја има 45.000 мостови во лоша состојба. Ова едноставно е неприфатливо, рече Бајден по инспекција на урнатата градба. 

Властите во Питсбург јавија дека мостот се урнал денеска во 7 часот претпладне. Неколку автомобили и автобус се оштетени од уривањето, а тројца луѓе биле повредени.

Двопартискиот закон за обнова на инфраструктурата што вклучува 40 милијарди долари за пет години само за обнова на мостовите беше донесен лани во ноември и Бајден го смета за свој успех.  

Вкупната вредност на законот за инфраструктура, што вклучува и високопојасен интернет насекаде низ САД, изградба на патиштата, станици за полнење електрични возила и за обновливи извори на енергија е над еден трилион долари. 

-Претседателот истакнува дека овој мост ги симболизира многуте останати мостови и инфраструктурни објекти низ целата земја што имаат потреба од поправки, но и влијаниетна историските инвестиции со овој закон врз земјата, изјавија од Белата куќа.