БАЈДЕН: Разгледуваме како да се откажеме од кривичен прогон за Џулијан Асанж

/ 10.04.2024

Американскиот претседател Џо Бајден изјави денеска дека го разгледува барањето на Австралија, САД да се откажат од гонењето на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, кој објави серија доверливи американски документи.

Австралискиот премиер Ентони Албанез денеска ја поддржа мерката на Долниот дом на парламентот, со која се бара враќање на 52-годишниот Асанж во Австралија. Вашингтон сака да го екстрадира Асанж од Велика Британија во САД, објави Скај Њуз.

„Го разгледуваме тоа“, му одговори американскиот претседател на новинарот кој прашуваше дали има одговор на барањето на Австралија да го прекине гонењето на нејзиниот државјанин.

„Направете ја вистинската работа, отфрлете ги обвиненијата“, напиша сопругата на Асанж подоцна на платформата X.

Американските обвинители бараат судење против 52-годишниот Асанж поради објавувањето на бројни американски воени досиеја и дипломатски телеграми од страна на Викиликс.

Вашингтон тврди дека Австралиецот со тоа ги загрозил животите на американските агенти и дека нема оправдување за неговите криминални дела. Неговите поддржувачи, од друга страна, го слават како херој кој беше гонет за откривање американски злосторства.

Во 2010 година, меѓу другото, Викиликс објави видео од американски воени авиони како убиваат цивили во главниот град на Ирак, како и информации за стотици цивили убиени за време на американската инвазија на Авганистан.

Екстрадицијата на Австралиецот беше ставена во мирување во март, откако Високиот суд во Лондон рече дека САД мора да обезбедат гаранции дека тој нема да се соочи со смртна казна.

Адвокатот на Џулијан Асанж во својата прва реакција ја нарече „охрабрувачка“ најавата дека американскиот претседател го разгледува барањето на Австралија да се откаже од неговото кривично гонење.


Од истата категорија