Американскиот претседател Џо Бајден синоќа вети дека САД никогаш нема да ги признаат руските територијални претензии кон Украина, бидејќи Вашингтон подготвува нова рунда санкции против Русија откако таа анектира нова украинска територија.
Зборувајќи пред лидерите на островските земји на Тихиот Океан, Бајден ги осуди референдумите што ги одржаа проруските сили во областите на Украина и оценувајќи ги како „апсолутна измама“, додавајаќи дека „резултатите се измислени во Москва“.
САД соработуваат со сојузниците на санкциите што треба да се воведат откако Русија ќе ги анектира новите украински области.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе ја официјализира анексијата на 15 отсто од украинската територија и ќе претседава со церемонијата на потпишување на договорот за припојување на четирите украински региони кон Русија.
Одговорот на САД се очекува многу скоро.
-Сакам да бидам многу јасен за ова, САД никогаш, никогаш, никогаш нема да ги признаат руските претензии за украинската суверена територија, рече Бајден.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека резултатите од референдумот за пристапување на окупираните региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје кон Русија „не ја одразуваат волјата на народот на Украина“.
-Русија протера голем дел од населението од областите што ги окупираше, притоа принудувајќи ги граѓаните на Украина кои останаа да гласаат под закана со оружје во страв за својата безбедност и безбедноста на своите најблиски, рече тој.