Најмалку 500.000 граѓани ја напуштиле Албанија во периодот од 2010 до 2020 година, според официјалните податоци објавени од албанскиот Институт за статистика, ИНСТАТ и ЕУРОСТАТ, но бројот на иселени неофицијално е многу поголем.
Германија е една од земјите која е најпосакувана дестинација за албанските имигранти.
– Во соопштение пред неколку дена, германската амбасада најави олеснување на процедурите за голем број струки, како лекари, медицински сестри, дадилки за деца, квалификувани работници. Сега секојдневна слика пред амбасадата се долгите редици луѓе кои чекаат да добијат работна виза или за спојување со семејството, објави Њуз24.
Меѓу оние кои чекаат да аплицираат е и човек кој веќе пет години е разделен од сопругата која живее во Германија и е вработена како готвач. Според него, една од причините за заминување се тешките услови во кои се наоѓа Албанија.
За социологот Гзим Туши, заминувањето на албанските граѓани, пред се млади луѓе, се случува од повеќе причини, главно поради немањето иднина.