„СЕ БОРИМЕ ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА И ГИ ШТИТИМЕ ИНТЕРЕСИТЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ, КАДЕ И ДА СЕ НАОЃААТ ТИЕ“ – 1902 г.
Во Белград во јули 1902 година бил основан Македонски клуб со свој весник – „Балкански гласник”. Преку ова гласило, Македонците во Србија и нивните сојузници се залагале за воспоставување автономна Македонија и воведување на македонскиот како литературен јазик. По само месец и пол, на 25 август 1902, српската власт го забранила весникот.

Заради своите искажани ставови, „Балкански гласник” бил напаѓан и од српските и и бугарските национал-шовинисти — првите ги нарекувале неговите уредници „бугараши”, а вторите – „србомани”.

Уредниците одговориле на нападите преку напис за тоа дека се работи за „белградски и софиски шовинистички весници” кои се вознемирени поради ставовите на весникот. Во него, Македонците („словенскиот елемент”) претставуваат една целина во Македонија и треба да го усвојат македонскиот како книжевен, т.е. литературен јазик.
Следствено, пишуваат уредниците, српските шовинисти мислат дека весникот е инспириран и помогнат од Бугарија, а другите, бугарските шовинисти – од Србија.

– „Категорички ги побиваме таквите тврдења, кои ги сметаме за клевета, затоа нашиот весник војува единствено за ослободување на Македонија и ги штити интересите на Македонците каде и да се наоѓаат тие, a кои истиот го прифатија и го помагаат.”
ИЗВОР: „Балкански гласник”, 18 август 1902, бр. 7, стр. 4.