Повеќето од 157-те патници кои со авион од Скопје во саботата пристигнаа во финскиот град Турку, од кои 24 биле позитивни на КОВИД-19, се државјани на Косово и на Финска, а само двајца се македонски граѓани, соопшти Министерството за здравство по направената проверка на информациите со службите од Скопскиот аеродром и граничната полиција.
Станува збор за патници, иселеници, кои доаѓаат во Македонија или транзирираат преку земјава од различни причини, а потоа се враќаат на работа во Западна Европа, за кои со дозвола за престој или државјанство од ЕУ не важат рестрикциите при влез и излез од земјата.
Според добиените податоци во посочениот лет, најголем дел од патниците патувале со косовски пасош (95 лица), со фински пасош (60 лица), а останатите се со македонски (2), албански, бугарски, естонски и шведски пасоши.
Министерството за здравство собира информации од финските власти, за тоа кои се 24 патници позитивни на вирусот, дали станува збор за неколку семејства или се поединечни случаи, каков тип на тестови им биле направени, а Институтот за јавно здравје веќе работи на проверка дали на некои од патниците им била издадена мерка самоизолација во Македонија. По добивање на информациите за позитивните веднаш ќе се пристапи кон утврдување на контактите кои тие лица со позитивни тестови евентуално ги имале во нашата земја.
Министерството за здравство повторно апелира задолжително да се почитуваат сите мерки за лична заштита при секое патување и секаде каде што е пропишано, зголемена дезинфекција на раце и одржување дистанца.
Министерката за семејни работи и социјални услуги на Финска, Криста Киуру вчера изјави дека на аеродромот во финскиот град Турку во саботата пристигнал авион од Скопје со 157 патници од кои 24 по извршеното тестирање биле позитивни на Ковид-19.
На аеродромот во Турку било организирано доброволно тестирање на сите патници кои пристигнале од Скопје, откако властите утврдиле дека два неодамнешни авионски летови од Северна Македонија и Романија, се главни извори на нови инфекции со коронавирус во Финска.
Поради тоа Финска ќе воведе задолжителни тестови за коронавирус и карантин за патници од земји со висок ризик.
Во иднина ќе биде задолжителен двонеделен карантин и ќе се прават тестови за коронавирус за секој што ќе пристигне од земја каде што има меѓу осум и 10 случаи на КОВИД-19 на 100.000 жители во последните 14 дена.
Авиокомпаниите ќе мора да ги информираат патниците дека ќе бидат тестирани по доаѓањето во Финска.
Непочитувањето на двонеделниот карантин ќе биде санкционирано со затвор до три месеци или парична казна.