Побарале извод од матична книга на венчани, добиле извод од матична книга на умрени. Денот кога била нивната свадба е ставен како ден на нивната смрт, изјави градоначалникот на Општина Карпош и кандидат на ГРОМ за претседател на државата, Стевчо Јакимовски. Ова се случило, како што рече, на неговиот син Дамјан и снаата Сашка за што вината ја впери во матичната служба при министерството за правда.
„Овој прес требаше да го држат мојот син Дамјан и мојата снаа Сашка, но тие се во шок. Можете ли да замислите на што ќе ги потсетува годишнината од брак секоја година овие млади луѓе и во каков шок се наоѓаат“, рече Јакимовски.
Тоа, за него, е уште една потврда за причините за иселување на младите луѓе од Македонија.
„Не од економски причини, туку од лошо функционирање на државата. Јас сум длабоко убеден дека овој перспективен и талентиран кадар со Дијана Антониевиќ е вработена или од штабот на СДСМ или од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Целата наша администрација е наполнета со нивните кадри и во зависност од тоа дали се власт или опозиција, нив дравата не им чини, а всушност не им чини од нивните кадри“, истакна Јакимовски.
Тоа, за Јакимовски, е причина повеќе за неговата кандидатура за претседател на Македонија, затоа што, како што рече, „оваа државичка ќе може да функционира и да постои додека сè уште сме ние кадрите за време на Тито, а кадрите со завршени дипломи од кај Мерко и останатите ќе ја доведат државата и граѓаните до вакви траорни и смешни ситуации“.