Шефот на француската дипломатија Жан-Ноел Баро изјави дека француските воени сили што ќе бидат испратени во Саудиска Арабија ќе бидат распоредени „строго дефанзивно“ за да го заштитат извозот на сурова нафта во Црвеното Море.
– Ние ставаме на располагање одбранбени ресурси … Од почетокот на војната во Иран, распоредивме воени средства за да ги заштитиме нашите сојузници и партнери. Дали некогаш сме биле сметани за воинствена страна? Никогаш, нагласи Баро, алудирајќи на операциите за заштита на воздушниот простор на Обединетите Арапски Емирати од ирански беспилотни летала.
Тој додаде дека обемот на француското распоредување „ќе зависи од потребите на (саудискиот) партнер, од нашите сопствени капацитети и од тоа како ќе се развива ситуацијата, истакна Баро.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон пред три дена најави дека ќе биде испратена воена опрема и персонал, за да го заштитат клучното јеменско пристаниште Јанбу по нападите на Хути.
– Ќе испратиме воена опрема и персонал, имено војници, радари и одбранбени системи, за да го заштитиме овој терминал. Не со цел да се вклучиме во каков било конфликт, туку исклучиво за да ги заштитиме објектите, посочи Макрон на 24 септември.
Во Јанбу се сместени големи складишта на нафта и рафинерии, како и нафтоводот Исток-Запад, долг повеќе од 1.200 километри и со капацитет до седум милиони барели дневно.




