Дарко ЈАНЕВСКИ
(текстот е преземен од ФБ профилот на авторот и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)
„Не постои северномакедонски јазик, не постои северномакедонски народ, не постои северномакедонски идентитет“, рече Тимчо Муцунски во Њујорк.
Ама, додаде, „постојат ретроградни сили во регионот, кои се обидуваат да го наметнат тоа“. Да наметнат дека сме „северномакедонски
народ“, дека зборуваме јазик кој се нарекува „севереномакедонски“ и дека имаме „северномакедонски идентитет“.
И сето тоа што Муцунски го кажа е точно. И тоа не е од вчера. Тоа е од далечната 1992 година, всушност тоа е од многу децении пред тоа. Идејата ви е веќе позната – да се изведе тезата дека сме вештачки создаден народ, а ако сме вештачки содадени, ние нема зошто да имаме држава и таа треба да ја снема. Впрочем, ако го нема народот кој е сржта на таа држава (член 1 од Уставот на НРМ во јануари 1946 г.), ја нема ни државата. Многу едноставно. Евентуално може да има држава, но таа да биде како „Швајцарија на Балканите“ на Ванчо Михајлов, иако лично не верувам ни во тоа. Идејата е да се избрише трагот на овој народ и на оваа земја.
Така што Муцунски е во право. Греши само во едно – клучниот проблем не е во тие од регионот. Да, ако тие од надвор не ни држеа и не ни држат јаже околу вратот, се ќе беше и се ќе биде поинаку, но на крајот од линијата, проблемот е во тоа кој ни го става јажето околу вратот, но и во тоа кој ни го извлекува подот на кој стоиме со јаже околу вратот. А во случајот, тоа не се тие „ретроградни сили“ кои не се само од регионот, туку се и пошироко, туку тие кои ни се овде, кај нас дома, кои немаат проблем со „северномакедонски јазик“, со „северномакедонски народ“ и „северномакедонски идентитет“.
Да, тие од надвор, навистина, беа тука, ја измислија, на пример, бандата од СЈО, се сликаа со таа банда, но тие не одработија на терен. Одработија домашните квислинзи. Ене ги, се шетаат меѓу вас, половина од нив сега се најголеми комити, фрлаат по 1000 денари на „Налеј, налеј“ во кафеана или кога Игор ја пее химната, ако пуштиш телевизор ти излегуваат од секој канал… со еден збор, тука се и никому ништо. Тие се нафатираа, ја продадоа Македонија и одиме понатаму. Нели? До следната продажба. Затоа што има уште. Играта околу Македонија не е завршена. И ако тоа не се сфаќа, тогаш историјата ќе ни се повтори. Тие што сега го тетовираат Гоце Делчев на задникот и на други места, еден убав ден, кога сонцето за нив пак ќе грее силно, ќе се разбудат како бугарски кметови на Македонија, нивните деца ќе се школуваат во странство, доколку не останат тука каде ќе владеаат со вашите деца, тие ќе имаат луксузни станови, патувања на Малдивите, џипови, тие ќе бидат се и сешто, вие ќе бидете ништо и ќе се мислите како да ја платите школската година на детето.
И нема никаква врска што и вашите деца ги имаат сите десетки. Тоа нема апсолутно никаква врска. Нема врска што се на ниво на своите ментори. Не. Има врска со тоа што не се предавници на својот род, што не би си ја продале и мајката, ако така им биде наредено од тие ретроградни сили. За разлика од тие другите. На кои, се разбира, за тоа повторно ќе им биде платено. Зашто во Македонија, еден од највносните бизниси е трката по фондови. Вакви, онакви, не е веќе битно какви, битно е да си во тек со продажбата на Македонија, продажбата на своите.
Истите тие ги има и во власта. И на секој чекор им прават опструкции на тие кои се борат за оваа држава, за овој народ, за овие деца. Да не се лажеме дека сите се со македонскиот крст на чело. Зашто простаклукот и иманентниот порив да се опструира Макеоднија, да се опструираат челниците кои се борат за таа Македонија, очигледно е посилен.
На нивно ниво има уште една група. Тоа се оние кои влегле во „филм“ дека се Бред Пит и Анџелина, две во едно, Леонардо ди Каприо и Кејт Винслент, дека се борат за Македонија, ама нивниот пропаднат менталитет им го јаде желудникот. Од никој и ништо, одеднаш станале фукционери. И светот се врти околу нив. Тие би биле добра инквизиција. Тие ја измислиле уздата за мазгите и коњите. Да не се гледа ни лево ни десно. А, впрочем, и зошто би се гледало лево и десно. Само напред. Провалии има колку што ви сака душата.
А регионалните сили, и оние кои не се регионални, ќе си ја бркаат својата работа. Ќе ги држат на јаженце оние кои ги плаќале, кои ги направиле луѓе, иако нивната интелектуалност вреди колку оние скапани домати што ви ги подметнуваат на пазар, а кои продавачот ги крие одзади додека однапред ги наредил најјадрите, најубавите, најсочните и најцрвените (се извинувам на тие што јадат само розеви домати). Наше е да не им дозволиме, по втор, трет или кој знае кој пат да не превезат жедни преку вода со помош на овие од дома, а тоа најлесно ќе се направи ако им ја пресечеме нивната папочна врвца што ги врзува едни за други. И овие домашните ги оставиме како риби на суво.
И затоа, од некаде мора да се почне. На пример, од бонусите на СЈО. Милионските бонуси кои легнаа во џебовите на обвинителската банда од неуставното СЈО. Работа што мора да ја завршат Савески и Советот на јавни обвинители. А другата работа, елиминирање на трагот дека СЈО постоело во правниот систем на РМ, треба да ја заврши Уставниот суд. Така што, Костадиновски нека не држи лекции наоколу за правото, туку нека го впрегне Уставниот суд со неговата љубов Кацарска и нека си ја завршат работата. Да не објаснувам сега по стоти пат дека тоа може и мора да се направи, сеедно што СЈО и законот за тој бандитски инструмент веќе не се дел до правниот систем на Македонија.
Тука некаде во редот се и медиумски „ѕвезди“ и протагонисти на „северномакедонскиот народ“, „северномакедонскиот идентитет“ и „северномакедонскиот јазик“. Тие кои собраа милиони од странство, а и од дома, за да не продадат сите. Во пакет. Како на акција во маркет – две плус едно. Не смееме да оставиме, денес, утре, за 50 или 100 години, тие и нивните потомци да господарат со оваа држава. Како што потомците на комунистите денес се професори, бизнисмени, видни членови на ова опшество, а потомците на оние кои се бореа за Македонија, се дават во сиромаштија.
Во меѓувреме, во светот се случува тектонска промена. Кина и САД стануваат пријатели. Трамп и Меланија со Си Џинпинг и неговата сопруга Пенг Лиујан. Во време на првиот мандат, Трамп влезе во Забранетиот град во Пекинг, но двајцата лидери се гледаа низ три пара очила со темни стакла. Сега, овој пат, се чини е поинаку. Си Џинпинг во САД беше пречекан како никој досега и тоа не е случајно. Не е куртоазија, ниту обична дипломатска почит. Пораката е јасна.
Прашањето е само што после Трамп. Дали тој тренд ќе биде задржан или ќе надвладеат старите воинствени структури. Изборот е мирен и напреден свет или свет на конфликти и назадување, од што профит ќе имаат само одбраните. Како и во Македонија.




