Отец Ивица ТОДОРОВ

„Возљуби го Господа, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум (со полнотата на својата личност); тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа:
Возљуби го својот ближен како себе си! (ако со полнотата на својата личноста го љубиме Творецот, ќе се љубиме и ќе се спознаеме себеси! Кога ќе се спознаеме и ќе се имаме себе си тогаш ќе бидеме подготвени да го разбереме, да го љубиме, а и да се жртвуваме за својот ближниот)!”
(Матеј. 22, 37-40).

Овие две заповеди за љубовта се врвот на Божјото откровение, како во Стариот завет (пред Христовото доаѓање), така и во Новиот завет (по откупителна жртва Христова на крстот и воскресението).
Некој може да каже дека тоа се многу едноставни нешта, но непознавањето и непрактикувањето на овие “едноставни” заповеди можат, а тоа се случува почнувајќи од Адам и Ева па се до денес, да го направат нашиот живот подобен на адот (состојба на чисто зло).

Денес, насекаде околу нас, во нас самите и во нашиот однос кон ближните ние сме сведоци на пројавата на злото, на таа болна антиљубовна состојба која секогаш има за цел:
1. да не оддели од ближните (егоистички сепаратизам),
2. да не оддели од Бога (духовно мртвило),
3. да не оддели од самите себе (шизофренија)!

Секојдневно во нашата душа го чувствуваме вознемирувањето, стегнатоста, неслободата, стравот и апсурдот кои се плод на злиот однос на некои луѓе кон нас.

Но, исто така, секојдневно од некои наши ближни чувствуваме љубов, жртва, радост и внимание кои ни ја хранат и шират нашата личност и ни го осмислуваат и оживуваат животот.
—
Што е ЉУБОВ?

Љубовта е духовно – вредносна состојба која и овозможува на секоја личност во овој и ваков свет доживување и увид во совршената состојба на постоење во „идниот век“, во Царството Божјо.
Таму и тогаш, во Царството Божјо, ќе се види и доживее полнотата и плодот на постоењето во ЉУБОВ, но коренот на дрвото што ќе го изнедри тамошниот плод се наоѓа во овој свет и во неговото време, а семето е вербата во нашата ДОВЕРБА во сето она што Творецот го направил и ветил за нас!
—
Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи.

Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам, – ако љубов немам, ништо не сум.

И да го раздадам целиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, – штом љубов немам, ништо не ми користи.
Љубовта е долготрпелива, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не се гордее, не прави што е непристојно, не бара свое, не се срди, не мисли зло, на неправда не се радува, а на вистина се радува, сè извинува, во сè верува, на сè се надева, сè претрпува.

Љубовта никогаш не престанува, а другото, ако се пророштва, ќе престанат; ако се јазици – ќе замолкнат; ако се знаења – ќе исчезнат.
Оти по нешто знаеме и по нешто пророкуваме; а кога ќе дојде совршеното, тогаш ќе исчезне делумното.

Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детинското.
Сега гледам нејасно како во огледало, а тогаш – лице во лице; сега знам нешто, а тогаш ќе знам како што сум познат.
А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта.
(1 Коринтјаните. 13, 1 – 13)