Валенсија ја совлада Барселона со 2:0 во дербито на 21. коло во шпанска Примера. Двата гола на „Месталја“ беа постигнати во второто полувреме. Џорди Алба постигна автогол во 48 минута, а трите бода за популарните „лилјаци“ ги потврди Макси Гомес во 77. минута, кој пред реализација од игра, беше непрецизен од белата точка.

Валенсија во целост ја заслужи победата. Нејзините фудбалери создадоа повеќе шанси за гол, и само поради промашувањата во првиот дел не запишаа и поубедлива победа од два гола разлика.

Епилогот од „Месталја“ му оди во прилог на тимот на Реал Мадрид, кој со евентуален триумф на утрешното гостување кај Валјадолид, ќе има прилика да се осами на врвот на табелата во шпанскиот фудбалски шампионат.

Барселона и Реал Мадрид имаат по 43 бода и идентична гол разлика, а по нив следуваат Атлетико Мадрид и Севилја кои досега собраа по 35 бода.