Стратегот на Барселона Роналд Куман се најде под жестоки критики од медиумите по синоќешното реми без голови на гостувањето кај Кадиз, а реномираниот шпански спортски весник „Марка“ денешното издание го објави под централен наслов „Оваа Барселона е смешна“.

Барселона сега е три натпревари во серија без победа во сите натпреварувања што го засили притисокот врз холандскиот тренер да замине од каталонскиот клуб.

Дел од шпанските медиуми пренесуваат денеска дека Куман одамна ќе добиел отказ, доколку во неговиот договор нема клаузула, која му гарантира отштета меѓу 12 и 14 милиони евра во случај на предвремен прекин на соработката.

Од своја страна, Куман по натпреварот со Кадиз им порача на навивачите дека мора да покажат разбирање за проблемите со играчкиот кадар.

– Кога победуваме, продолжуваме понатаму, а кога губиме, мораме да најдеме нов тренер. Тоа не оди така. Мораме да бидеме реални, да бидеме свесни со каква екипа располагаме и оти имаме седум повредени играчи, изјави Куман, кој во судиското продолжение на гостувањето во Кадиз беше исклучен, а црвен картон на теренот доби и неговиот сонародник Френки де Јонг.

Куман не сакаше да разговара со новинарите околу својата иднина на клупата на Барселона, додавајќи само дека во хотелот се поздравил со клупскиот претседател Жоан Лапорта.

– Доколку претседателот сака да разговараме, пред нас имаме доволно време, изјави Куман.