„Исус тоа не го кажа“ е приказна на Барт Ерман, професор по Нов завет на Универзитетот во Северна Каролина во Чапел Хил, за тоа кој и како ја менувал Библијата. Книгата ги воведува читателите на полето на текстуална критика на Библијата. Ерман ги разгледува низата текстуални варијанти кои резултирале од намерни или случајни ракописни промени на текстовите во Библијата во ерата кога тие се препишувале рачно.
„Ние не само што ги немаме оригиналите, туку ги немаме ни првите преписи на оригиналите. А ги немаме дури ни преписите на преписите на оригиналите, па ни препистите, на преписите, на преписите на оригиналите“, вели Ерман.
Тоа не значи дека тој ги става под сомнеж четирите евангелија и посланијата. Не, но ве упатува на нешто што може да ви помогне во читањето на Библијата. Еве ја на пример, една од најубавите приказни во Библијата, за која тој вели дека всушност не е нејзин составен дел:
„Приказната за Исус и жената фатена во прељуба е веројатно една од најпознатите приказни во Библијата, а секако е една од најомилените сцени во холивудски верзии за неговиот живот. Ја има дури и „Страдањето Христово“на Мел Гибсон, иако тој филм се концентрира само на последните земни часови на Исус. И покрај нејзината популарност, приказната ја има во само еден пасус во Новиот завет, во Евангелието по Јован (7:53-8:12), но по се изгледа, таа изворно не се наоѓала ни таму.
Содржината на приказната е позната. Исус подучува во храмот, а му приоѓаат група писари и фарисеи, негови заколнати непријатели, водејќи жена „која била фатена во самиот чин на прељуба“.
Тие ја доведуваат пред Исус зашто сакаат да го проверат. Законот на Мојсеј, како што тие му велат, бара таквата жена да се каменува до смрт; но тие сакаат да знаат што тој има да каже за тоа? Треба ли да ја каменуваат или да ја помилуваат? Нормално, тоа е замка. Ако Исус им каже да ја пуштат жената, ќе го обвинат дека го крши Божјиот закон, ако им каже да ја каменуваат, ќе го обвинат дека го отфрла своето учење за милосрдие, љубов и простување. Исус не им одговара веднаш. Наместо тоа, се наведнува да напише нешто на земјата. На нивните повторени прашања, тој им вели: „Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен врз неа!“.
Тој потоа продолжува да пишува на земјата, додека тие кои ја довеле жената почнуваат да си заминуваат – очигледно чувствувајќи се осудени за своите недела – додека не остане само жената.
Подигнувајќи ја главата, Исус и вели: „Жено, каде се тие? Има ли некој да те осуди?“.
На тоа, таа одговара: „Никој Господе.“
Тој потоа и одговара: „Ни јас не те осудувам. Оди и не греши веќе.“
Тоа е сјајна приказна, во која Исус ја користи својата досетливост за да се спаси себе и замката – да не зборуваме за јадната жена која требало да биде каменувана.
Нормално, кај внимателен читател, приказната предизвикува низа прашања. На пример, ако жената е фатена среде прељуба, каде е прељубникот? Според Мојсиевиот закон, би требало двајцата да бидат каменувани (Книга Левитска, 20:10).
Понатаму, што е тоа што Исус го пишува на тлото? (Според едно старо предание, тој ги пишувал гревовите на тужителите кои, кога виделе дека нивните престапи се познати, заминале засрамени).
А, дури и ако Исус навистина подучувал за љубовта, дали тој мислел дека законот на Мосјие веќе не вреди и дека не треба да се спроведува? Дали мислел дека гревовите не треба да бидат казнувани?
И покрај брилијантноста на оваа приказна, нејзината порака која ги освојува срцата и над се, интересниот заплет, постои уште еден голем проблем што таа го носи. Како што стојат работите, приказната не се наоѓала во изворното Евангелие по Јован. Всушност, таа изворно не се наоѓала ниту во едно евангелие. Ја додале подоцнежните препишувачи на Библијата.
Како го знаеме тоа? Вушност, научниците кои ја прочуваат традицијата на овој ракопис и воопшто на библиските ракописи, пред се тие од Новиот завет, немаат никаков сомнеж во овој случај. Еве неколку факти за тоа: приказната воопшто ја нема во најстарите и најдобрите ракописи на Евангелието по Јован; стилот на кој е пишувана приказната многу се разликува од стилот на останатиот дел од Евангелието (вклучувајќи го и стилот на приказната што е пред оваа со жената и на приказната после неа); во неа се наоѓаат голем број зборови и фрази кои инаку во Евангелието ги нема.
Заклучокот е неизбежен: таа приказна изворно не му припаѓа на ова Евангелие.
Како е тогаш додадена? За тоа постојат повеќе теории. Најголем број научници сметаат дека тоа е приказна од усно предание за Исус која се пренесувала низ генерациите, која во одреден момент е додадена на маргините на ракописот. Од тоа некој писар заклучил дека таа белешка на крајот треба да биде дел од текстот, па ја додал по приказната која завршува во Евангелието по Јован 7:52 (авторот пишува за додавање по Јован 7:52, нејасно е зошто не вели дека е додадена по 7:53 „И секој си отиде во својот дом“, н.з.)
Вреди да се забележи дека други писари кои вршеле препис на Библијата (и при тоа мошне често менувале делови од неа) ја уфрлиле приказната во други места од Новиот завет – на пример, некои од нив по стихот 21:25 од Евангелието по Јован, а други, што е прилично интересно, после стихот 21:38 од Евангелието по Лука. Во секој случај, кој и да ја напишал приказната, не е Јован.
Тоа природно, го остава читателот во дилема: ако приказната не е изворно дел од Евангелието по Јован, дали треба да се смета како дел од Библијата?
На тоа прашање, нема сите да ви одговорат на ист начин, но за најголем број од нив одговорот е – не треба“, пишува Ерман во својата книга.
Но, дали таа приказна не е вистинита? Не, напротив, самиот Ерман вели дека потекнува од едно предание за тоа што правел Исус и дека таа се пренесувала од генерација на гнерација за конечно некој да ја внесе во Библијата. Изгледа едноставно, нели? А, не е!