Лидерот на најголемата албанска политичка сила, Демократската партија, Љуљзим Баша предлага додека Албанија не стане членка на ЕУ, пред секои избори, да се формира преодна влада, која ќе гарантира слободни и фер избори.
Таков модел во Македонија беше воведен со Пржинскиот договор.
Баша предлогот го даде на средбата со директорот за Централна и Источна Европа на амерканскиот демократски институт НДИ, Роберт Бенџамин, додавајќи при тоа дека „решението на политичката криза во која е Албанија поминува низ слободни и фер избори“.
-Пред да стане членка на Европската унија, Албанија мора, пред секои избори, да има преодна влада што гарантира слободни и фер избори. Ова ќе го оневозможи притисокот врз гласачите и администрацијата, злоупотреба на јавните фондови и државните средства и улогата на лицата со криминални досиеја и криминалните групи. Одвојувањето на политиката од криминалот е од суштинско значење за слободно гласање, изјави Баша.
Ја споделил загриженоста на опозицијата околу доцнењето во формирањеto и работењето на iнстуциите кои ќе ги истражуваат криминалот и корупцијата на високо ниво.
Баша ја искажал решеноста на Демократската партија и обединетата опозиција, богатството со кое располага земјата и нејзиниот извонреден човечки потенцијал да го стави во корист на граѓаните, а не во функција на мал број корумпирани лица и олигарси.
-Со значајната помош на Соединетите американски држави, ние ќе можеме на Албанија да и ја вратиме функционална демократија и нејзиното богатство во развој и благосостојба за секое албанско семејство. Претставниците на Демократскиот институт ја споделија загриженоста со која САД ја следи политичката криза во земјата и ја потврдија нивната подготвеност да придонесат за нејзино решавање и зајакнување на демократијата, изјави Баша по средбата.
Баша, вчера оцени дека „трпението на народот е при крај“ и оти земјата мора да оди на предвремени избори, за да има легитимен Парламент и Влада.