Официјалната кампања сè уште не е започната, а од потенцијалните кандидати за претседател досега слушнавме многу работи, кои просечниот граѓанин тешко може да ги свари, пишува загрепски 24 Сата.

Откако на нацијата повеќе пати ѝ ги покажуваше своите вокални способности, кога снема песни, таа се врати на приказните за животот во поранешна Југославија. Така, слушнавме дека таа била „девојката од погрешната страна на ‘железната завеса’, која сонувала за други места каде што луѓето имаат слобода на избор, каде што можеле да зборуваат и да се изразат слободно без да бидат прогонувани“.

Подоцна рече дека „сите знаеме како било да се патува со тој црвен пасош и какви понижувања сме доживеале“, а за носталгичарите предложи да се воведе „недела на поранешна Југославија“, со забелешка дека таа би профитирала најмногу, бидејќи сите кои би рекле нешто против неа би завршиле на Голи Оток. Во приказната го вметна и НК Риека, тврдејќи дека „тогаш бил резервен клуб за Партизан и Црвена звезда“. Нејзините забелешки не ги прифати добро риечкиот градоначалник. Тој ја потсети актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ дека „зад железната завеса со црвен пасош заминала на студирање во САД“.

На виделина излегуваат лоши вештини

Па, колку е голем тој резервоар на глупости? Каде е крајот?, праша Војко Оберснел. Зад Грабар-Китаровиќ не заостануваат многу ниту нејзините предизвикувачи. Мирослав Шкоро најави дека сака поголеми овластувања како претседател, но заборави дека е потребно двотретинско мнозинство во Парламентот за промена на Уставот. Како претседател, не би било чудно ни да забранува одредени политички партии.

Зоран Милановиќ честопати го истакнува неговиот карактер, иако во минатото многу го чинеше. Тој му рече на премиерот дека е готов кога тој ќе победи на изборите. Свесен дека на изборите не оди како фаворит, рече дека во политичката борба влегува од бес. Оди во Ирска за да чуе зошто Хрватите отишле таму, како да го заборавил својот мандат како премиер. Мирослав Колакушиќ ги посакува сите лостови на моќ, за да ја намали државната администрација и да укине 100.000 работни места. Политичкиот аналитичар Жарко Пуховски забележува дека оваа предизборна кампања кај сите на површина ги извлекла лошите особини. За Грабар-Китаровиќ вели дека нема „идеја каде е, што прави и што би сакала да направи“ и оти во своите говори прави најмногу грешки.

Милановиќ е „кавгаџија“ и си игра „циник од заседа“. Пуховски оценува и дека Милановиќ не поднесува тоа што е на маргините, бидејќи вистинската борба се води меѓу Шкоро и актуелната претседателка, а нему му е препуштено второто место во финалето. Кај Шкоро, вели Пуховски, видлив е недостиг на искуство – па не се снаоѓа, а прашање е колку брзо може да учи. Коакшуќ, според него, е авторитарен тип, кој не остава простор за прашања или разговор, а ги презема и идеите на Шкоро.

Пуховски не верува дека официјалната кампања ќе донесе промена, која би била добра за самите кандидати, но и за граѓаните кои на крајот ќе избираат.

– Неверојатно ми е да очекувам дека во морална и интелектуална смисла ќе се подигне нивото на кампањата. Поверојатно е дека уште повеќе ќе падне, бидејќи притисокот со приближувањето на датумот на избори само ќе се зголемува, оцени Пуховски.

Но последните изјави на потенцијалните кандидати во трката за Пантовчак, вели тој, сè повеќе го загадуваат јавниот простор. Во сегашната констелација на односи, Пуховски напоменува дека сепак актуелната претседателка во јавноста најдобро минува.

Претседателка како тефлон

– Таа е како тефлон, отпорна на сè. Таа и Милановиќ имаат свој базен избирачи, додека Шкоро и останатите се борат за нивната наклоност. Проблем за Колинда Грабар-Китаровиќ е што Шкоро брцнува во нејзиниот базен и на изборите ќе биде прашање до која мера ХДЗ ќе ја саботира актуелната претседателка. И покрај пораките на Милановиќ, аналитичарот тврди дека вистинска катастрофа за Пленковиќ ќе биде ако Грабар-Китаровиќ изгуби од Шкоро, што ќе биде пат за раскол во ХДЗ.