По денешната пресуда за Никола Груевски и вчерашната и денешната за Ѓоко Поповски, не остана многу маневарски простор, како за бившото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, така и за сегашниот состав на партијата. Ваква пресуда гледано од аспект на правната држава не смееше да се случи, но од друга страна, со било какво споменување на правна држава расчистивме при изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието и со фактот што тоа сега е прифатено. Како и да е, сега имаме ситуација кога еден нелегална структура која управува со државата, од ракав вади пресуди и прави што сака. Тоа што сега ни се продава како некаков напредок, поткрепено со извештајот од Брисел и со поддршка за Заев од западните земји, дури и во турско се нарекувало „башибозук“. Доволно е да се види дека само во неколку дена се случи ослободувањето на Заев од Поткуп, вчерашната пресуда за Поповски од девет години, потоа денешната изјава пред судот на Азири, обвинет во Монструм, дека дента кога се убиени децата и рибарот кај Смиљковско езеро тој ја садел бавчата (бандата продолжува да ги превртува коските на убиените) и на крај, очајно срамната пресуда на Добрила Кацарска за мерцедесот.
При тоа, сега веќе не е битно дали на крајта сето ова ќе падне поради ланската аболиција од Иванов, дали и како во меѓувреме ќе постапат Апелациониот и Врховниот суд во Скопје (ако предметот стигне до врховните). Тоа што е битно е дека ако можеше Заев да си нарачува пресуди кај Тодоровски и Кацарска, само по себе е знак дека сезоната на нарачки или поткупување на судиите е отпочната и сето тоа станува дел од системот. Останува уште да се внесе во Законот за кривична постапка и целата работа и официјално да стане легална. Кој прв ќе стигне до некој политички моќник што може да заврти телефон или кој повеќе ќе го потплати судијата, тој и ќе биде победник во било кој иден судски процес. Тоа што досега се криеше и беше скандал ако се открие, сега станува дел од нашиот правосуден систем. Настрана апсурдот дека ваквиот систем ни гарантирал влез во НАТО и ЕУ, што само по себе е срамота и за нив и за нас.
Така што и бившото и сегашното ВМРО-ДПМНЕ може да избира – да продолжи мирно како ништо да не се случило и да биде Иван Мирчевски или да се обиде да ја смени оваа ситуација. Јасно, работата е заглавена – СДСМ не може да го смени името без нови избори кои ќе бидат наместени за да стигне до 80 пратеници и да интервенира Уставот (освен ако случајно не пребегааат неколку пратеници од ВМРО – ДПМНЕ кај Заев по што само тие си знаат како ќе се вратат дома), а ВМРО-ДПМНЕ не може ништо да направи бидејќи и да сака, веќе не може да оди назад со изјавите дека нема да дозволи промена на Уставот поради спорот со Грција. Тоа е очигледно и картата на која Заев игра кај странците кои му ја дадоа премиерската фотеља – се додека тој е власт, тие гледаат можност Македонија да попушти пред севкупните грчки барања (впрочем, врхушката на чело со Заев веќе попуштила, само не може да оди до крај со Уставот). Тоа значи дека постојат изгледни шанси, независно од тоа какви ветувања и се даваат на опозицијата, вакви пресуди да гледаме и во иднина. Сите тие пресуди на крајта може и да паднат, но во меѓувреме системот кој важи за обичните ѓраѓани до таа мерка ќе се искривоколчи што времето на Бранко Црвенковски и Ленче Софрониевска ќе ни изгледа како златно доба на македонското правосудство кога не можевте да добиете процес против некој моќник, вклучувајќи ја тука и бандата олигарски, но во спор со комшијата за меѓата можевте да се надевате на релативно простоен и законски третман. Сега сме дојдени до ситуациај кога судијата едноставно не е обврзан да ги почитува законите, ниту тие од кривичната уште помалиу тие од граѓанската сфера и тој проблем ќе продолжи да се продлабочува секој ден.
Така што, ВМРО-ДПМНЕ има неколку опции, но само една е таа која го води до народот – што само по себе ќе му предизвика одредна штета кај странците кои тој народ поради неговиот отпор, не можат да го смислат. Другата опција, таа која подразбираше да се биде мирен и кооперативен, по денешниот политички говор на Кацарска паѓа во вода, бидејќи едноставно не даде резултат, броејќи го тука и предавањето на локалните избори. Зашто, да повториме, независно од тоа каква ќе биде крајната судбина на денешната пресуда за мерцедесот, со нејзе денеска се осудени и сите оние 400 и нешто илјади кои му ја донесоа победата на Груевски во 2016 година. А тие, не верувам дека се согласуваат со ваков третман што сега го имаат во „Животот“, третман кој вели дека ништо не си украл, ама си виновен за кражба и третман кој вели дека си барал поткуп, ама не си виновен за поткуп. Сеедно што еден висок функционер на опозиционата партија смета дека Заев не е проблем за нив, вклучувајќи ја тука и шарената банда, но проблем се тие од страна кои можат се и сешто да направат, ако биде напуштена досегашната политика. За почеток ВМРО-ДПМНЕ може да почне со Заев како т.н. претседател на Владата, а не како претседател на Владата на РМ.
Дарко Јаневски