Екипата на Наполи е на чекор до освојувањето на трофејот во Серија А, а викендов испушти шанса со победа над Салернитана да го дигнат на нозе Неапол, објави спортскиот портал Гол.

Како поранешен ас на Наполи, во гостување на радио ЦРЦ се појави Горан Пандев. Македонецот, кому Ељиф Елмас треба да му се придружи како втор освојувач на скудетото, го пофали Наполи за играта и нагласи дека е пресреќен.

– Минав три прекрасни години во Наполи. Го освоивме Купот, изгледаше дека ќе го освоиме и скудетото, игравме добро, ама треба да се поклопат многу работи. Жал ми е што не успеавме. Среќен сум за Елмас, клубот и навивачите. Честитки до Де Лаурентис и до сите во Наполи. Спалети е одличен тренер, заслужува трофеј, бидејќи ја креира оваа игра. Навистина сум среќен за Ељиф, му посакувам следната година да ја освои и Лигата на шампионите со Наполи. Годинава во четвртфиналето сите велеа дека Наполи е фаворит, одиграа добро, но не успеаја да го минат Милан. Жал ми е, бидејќи мислев дека Наполи може да стигне до финале, прокоментира Пандев, пренесува Гол.

Бате Горан, како што Ељиф знаеше често пати да зборува за Пандев, секогаш му беше ментор и пример на Елмас во репрезентацијата. Сега како фудбалер на Наполи, Елмас е на чекор до достигнување на неговиот успех и освојување на трофејот во Серија А.