Соединетите Американски Држави одобрија 110 милиони долари помош за четири земји од Западен Балкан за набавка на оружје, како дел од ERIP-програмата за замена на борбените системи од Советскиот Сојуз со оружје од западно потекло.
Како што објави порталот Балканска безбедносна мрежа (истражувачки портал на новинари и уредници од ЈИЕ на теми од одбраната и бебедноста), Пентагон делумно ќе ја финасира набавката на борбени возила за Армијата на Македонија и на Хрватска, како и за повеќенаменски хеликоптери за Вооружените сили на Босна и Херцеговина и Албанија.
Програмата ERIP (European Recapitalization Incentive Program) покрената е од страна на Владата на САД во 2017 година со почетен буџет од 190 милиони доалари со цел на владите на шест источноевропски земји да им се помогне во замената на советската тенологија во своето вооружување.
Покрај Македонија, Албанија, Хрватска и БиХ кои имаат добиено 110 милиони долари, со програмата се опфатени и Грција со 25 милиони и Словачка со 50 милиони долари.
Како што наведува истражувачкиот тим на Балканската безбедносна мрежа, за ралика од наведените земји, во најдобра ситуација со програмата ERIP е Македонија, која за замена на 22 борбени возила со гасеници (11 БМП-2 и 11 МТ-ЛБ) има добиено 25 милиони долари.
-25-те милиони долари не се доволни за замена, но можно е преку донација на користени Bredli или M113 да се направи најнапредната достапна модернизација. Исто така, можно е да се купат нови борбени возила на пешадијата од американско потекло, со што значително ќе се зголемат оперативните способности на Армијата на Северна Македонија, наведуваат од Балканска безбедносна мрежа.
Покрај Македонија и Хрватска ќе добие 25 милиони долари за замена на оружје од југословенско и советско потекло, за БиХ се наменети 30 милиони долари, исто колку и за Албанија.
„Интересно е што економски силните земји, како што се Полска, Чешка и Унгарија, кои имаат руска технологија, се изоставени од програмата. Дали поради тоа што немаат потреба од финансиска поддршка или поради тоа што веќе имаат сериозни договори со европските производители на оружје“-се наведува во текстот на Балканска безбедносна мрежа.
Порталот наведува дека оваа програма започнала како резултат на тензиите во односите меѓу Западот и Русија, што го поттикнало Вашингтон да ја започне програмата за финансирање со која источните земји од НАТО ќе почнат да го заменуваат советското и руското воружување со опрема од западно потекло.