Деветмесечно бебе починало во струмичката болница попладнево, откако претходно било донесено со тешка форма на бронхопневмонија, дознава Телевизија 24. Директорот на болницата Наќе Гогов за ТВ 24 изјави дека детето било донесено во критична состојба, му откажало срцето на пат до рендген, при обид да се направи рендген снимка на белите дробови, за бебето да биде пратено на скопските клиники.
Со правовремена интервенција на полицијата бил спречен инцидент, откако еден од роднините на детето бурно реагирал обвинувајќи ги лекарите за смртта на детето, изјави директорот Гогов.
Инаку, денеска претпладне се случи голем инцидент на инфективното одделение во болницата, кога група од дваесетина граѓани украдоа мртовец. Пациентот, откако бил примен во тешка состојба, по дваесет минути починал, а дваесетина граѓани од Турското маало во Струмица насилно го извлекле починатиот со кревет надвор во дворот на болницата, го дигнале од креветот и го префриле преку оградата, го ставиле во комбе и се упатиле во непознат правец.