Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да продолжи судењето за аферата за прислушувањето, познат во јавноста како „Тврдина-Таргет“.

Тој е уште еден предмет на затвореното СЈО, на чие чело беше сега притворената (во домашен притвор во Гевгелија), специјална јавна обвинителка Катица Јанева.

На претходното рочиште свои искази дадоа неколку сведоци, кои зборуваа околу поддршката од надвор во системите за следење на комуникации, односно за формирање на Комисијата за поништење на опрема на УБК.

Обвинети во овој предмет се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и неколку вработени во поранешното УБК кои се товарат за нелегално прислушување на над четири илјади телефонски броеви во периодот меѓу 2008 и 2015 година.

Судскиот процес го води судијата Џенета Беговиќ, додека обвинението е застапено од обвнителската тројка Трајче Пеливанов, Ленче Ристовска и Артан Ајро.

Судењето по предметот „Таргет-тврдина“ е започнато на 22 декември 2017 година и се наоѓа во фаза на доказна постапка.

 ,,Титаник” продолжува со сведоци на обвинителството

Ново рочиште за предметот „Титаник“ е предвидено денеска да се одржи во Кривичниот суд Скопје.

Главните расправи изминатиот период во главно се одржуваа со сослушување на сведоци предложени од обвинителството. Поголемиот број на сведоци при нивните искази пред суд посочуваа дека никогаш не донирале средства за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. За информаците дека тие пополнувале уплатници во име на партијата сведоците наведуваа дека тие биле запознаети кога биле повикани од СЈО.

Судењето за овој предмет го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова.

Меѓу главните обвинети за овој случај се поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски, екс-пратеникот Илија Димовски и други поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Според обвинението поднесено од поранешното СЈО, обвинетите се осомничена за кривичните дела повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Јавноста уште долго ќе се занимава со серијалот познат како предметите на „Т“ на СЈО и специјалната Катица Јанева.